top of page
Writer's pictureМарија Хана Трајкоска

Хана и Борис во дијалог за албумот „Hozier“ на Hozier

Хана: Добредојдовте, дечки, во овомесечното издание на нашата рубика, се надевам дека сте во добро расположение. Овој месец ја добив слободата од Борис да одберам кој било албум без самиот тој воопшто да приговора. По тој повод решив да одберам албум од мојот омилен светски артист, во моментов, можеби и еден од моите најомилени албуми во животот, а воедно, албум и артист за којшто Борис никогаш не би се согласил да го обработуваме во оваа рубрика, хахахахах. Имено, се работи за истоимениот дебитантски албум на ирскиот музичар Хозиер, објавен во 2014 година. Албумот се состои од 17 нумери, од кои ниту една помалку совршена и божествена. За жал, нема да можеме сите да ги опфатиме, меѓутоа ви ветувам дека кога ќе го слушате албумов ќе имате едночасовно уживање или само ќе нѐ отследите. 



Борис: Првта песна од овој албум е несомнено една од, ако не и најпозната песна на Хозиер, и токму онаа која го турна во популарната сцена. Морам да признаам дека поради оваа песна, долго време мислев дека Хозиер е хомосексуалец. Се разбира дека се работи за култната „Take me to church“, една од ретките песни на Хозиер што ми се допаѓа.    



Хана:  Wow, нема ни да ја коментирам последната реченица. Во секој случај, нема ни што многу да се зборува и за самата песна, освен дека е сведоштво за моќниот и емотивен глас на Хозиер придружен од страна на неговата маестрална симболика и способност за израување, кое е само вовед во неговото творештво и за она што следи во албумот за кој зборуваме овој месец. 


Хана: Следната песна од албумот и една од моите омилени (нешто што ќе го кажувам многу често во ова издание) е „Angel of small death and the codeine scene“. 



Борис: Типична кантри песна според мене. Преминот е добар и гласот му е полн и убав, но имам проблем со инструменталниот дел. Инструментите се премногу прости и кратки што не се ни приметува дека се таму, можеби тоа е поентата како кантри песна, да може да е свирена со што било, но тоа целосно го уништува идентитетот на песната. Кулминацијата на сѐ ова е рефренот, наместо во него да се зајакнат инструментите, само се зголемува ехото/просторијата и сето тоа ја прави песната празна и бездушна.


Хана: Не можам повеќе да не се согласам со ова што го кажуваш. Според мене песната е сосема доволно полна, инструментална, жива, дива и со душа. Мелодијата целосно одговара со текстот кој говори за луда девојка која доаѓа во твојот живот и ти го превртува за 180 степени. Инаку, интересен факт е тоа што терминот small death (прев. мала смрт), се однесува на чувството на моментно онесесвстување при оргазам. Искрено, според текстот не би ме чудело Хозиер да посвети песна на девојка која толку добро и вжештено знае да љуби што дури и некој би ја нарекол ангел на малата смрт.   


Хана: Ептен е песна за слушање во живо, денски, на фестивал, покрај некое езерo. Со сите шумови и одеци создава атмоствера на рајска градина и на опијати. Кога веќе го спомнав рајот, можам со тоа и да ја најавам следната песна од албумот со  наслов „From Eden”.




Хана: Мислам дека и Борис ќе се солгаси дека оваа песна е различна од предходната со тоа што става поголем акцент на интструментите. Со ова ќе му дадам простор на Борис да каже збор-два за мелодијата, а јас потоа сакам да се фокусирам на текстот. 


Борис: Навистина става поголем акцент на инструментите и тоа е убаво, но тоа што не ми се допаѓа од песнава е повторувањето на мешавината од инструменти одново и одново. Репетиција ми е едно од омилените ‘финтици’ во уметноста и самата таа е клучен дел од естетиката и природата кога е направена правилно. 


Хана: А кога е правилно направена според тебе и зошто мислиш дека во оваа песна не е така?


Борис: За пример ќе ја земам песната „Le moulin“ од филмот „Amelie“. Не знам точно што е, но разликата се чувствува. Претпоставувам дека поентата на репетицијата е да биде уникатна, да биде единствен главен инструмент со една мелодија што ќе се повторува одново и одново, додека сите други инструменти се некаде далеку во позадината и ја поддржуваат суптилната промена на повторувањето. Додека во песната „From Eden“, според мене, повторувањето е на сите инструменти истовремено и постојано и наместо да еволвира се претвора во напната мешавина. Ама фламенко преминот при крајот е предобар.


Хана: Тој дел од песната искрено ми е омилен, особено затоа што се појавува толку изненадувачки, трае кратко и си заминува наеднаш додека, сепак, се слева во остатокот од песната. За момент целосно ја менува динамиката и е толку различен од останатиот џез и соул во песната, меѓутоа, сепак, мислам дека токму тоа на некој чуден начин ги комплементира трите жанрови кои ја исполнуваат песната.    


Хана: Инаку, текстот го чувствувам премногу лично, не знам дали е тоа затоа што си го посветувам на себе си од средношколските денови чиј идеализам ја заковува, или, сепак, е текст кој средношколската јас со сета нејзина самосвест очајно сакала да го напише и посвети на нејзиниот ‘љубен’, кој пробува да го спаси, но за среќа никогаш не ги нашла правилните зборови. Првата строфа од песната многу јасно ја најавува и приказната на истата со стихови како „Babe There's something tragic about you; Something so magic about you; Don't you agree? (прев. Душо, има нешто трагично кај тебе, нешто магично кај тебе, се согласуваш?). Тука авторот многу очигледно, но и многу убаво и смирено ни претставува лик кој во целата негова трагедија носи магија во која авторот се заљубува. Објавување на ваков текст во екот на пандемијата на романтизирање на депресија и ментални нарушувања е ризичен потег според мене. Меѓутоа, мислам дека Хозиер ова го прави како никој друг. Песната претставува наоѓање светлина во некој кој векови носел мрак и  споредувајќи го тој мрак со мракот кој самиот ти си го носел векови наназад. „Honey, you’re familiar like my mirror years ago.“ (прев. Душо, ме потсетуваш на моето огледало пред години наназад.) Хозиер во оваа песна многу сликовито ја опишува тегобноста да се биде во врска со некој кој ви врзува само траума и мрак, ама сепак постои нешто магично и бесценето во таа врска и во тој човек што те ослепува и ги засенува сите демони, феномен со кој сите се имаме соочено барем еднаш во животот.


Борис: Следната песна од овој албум за кој што Хана сака да зборува а јас да критикувам е „Work Song“ или според мене продолжението од „Take me to church“. 




Хана: Ја слушам песнава и сфаќам дека би дала сѐ за Хозиер да биде заљубен во мене и да пишува за мене како за девојката која му дава забоболка од бакнување. Начинот на пишување на Хозиер можам да го опишам само како нешто за кое секое девојче некогаш сонувало, а ниту едно момче нема да го разбере затоа што е премногу ‘лигаво’. Песната почнува со тоа како авторот им зборува на пријателите за девојката во која е заљубен и колку таа е слатка и колку тој не може ниту да јаде затоа што е заљубен. Она што навистина погодува во срце во песнава е рефренот во којшто Хозиер кажува дека не постои гроб кој може да му го чува телото да не исползи до љубената. Малку тмурна слика, морам да признаам, но, сепак, во себе ја носи убавината на вечната љубов. Сепак, јаготката на шлагот е госпел амбиентот кој се создава преку придружните вокали, ракоплескањето и инструментите кои само ја зголемуваат сликата за божествена љубов у божествена љубена за кој Хозиер пее и свири. 


Борис: И мене ми се допаѓа комбинацијата помеѓу соул и госпел, искрено, но овојпат имам проблем со тексот. Текстот е премногу симболичен, метафоричен и алегоричен до степен каде што е само едно обично накитено парче естетика, со премногу содржина која не кажува ништо. 


Хана: Мислам дека ова сосема ми ја докажува поентата за тоа како момчиња и девојчиња го доживуваат текстот на Хозиер. Не би навлегла подлабоко во ова, бидејќи, сепак, за вкусови не се разговара, иако е тоа целата поента на нашите разговри во оваа рубрика, хахахах.


Борис: Последната песна од албумот за кој зборуваме е „Cherry wine“, со содржина и приказна сосема спротивна од претходната, иако мелодијата придружена со вокалот на Хозиер, а и насловот, не го претставуваат тоа така. Предупредување за оние кои се осетиливи на соджина со насилство, оваа песна го обработува токму тоа, а и ние понатаму во текстот ќе ја обработуваме таа содржина.



Хана:  Ова е мојата омилена песна од албумов и истата која ме навлече да го слушам Хозиер. Повторно го имаме Хозиер кој компонира едноставна, елегантна мелодија пратена од нежен глас, кој пее убави и милозвучни зборови, а пее за нешто темно и гадно. Ако во предходната песна „From Eden“ зборувавме за товарот кој го носи љубовта кон човек кој носи темнина во него, оваа песна на толку неочекуван и нежен начин пее за товерот кој доаѓа со тоа да сакаш некој чија љубов е груба и болна. И во оваа песна го имаме дуализмот помеѓу топлината и мразот кој авторот ги добива од љубената која го прегрнува со затворена тупаница. Сѐ што имам да кажам за крај е дека само Хозиер може да направи уметноста од ваква извитоперена уметност. 


Борис: Малку мрачен крај, но тоа е Хозиер, хахаахахах. Во секој случај, се надевам дека ви се допадна нашиот разговор и дека моите критики нема да ве убедат да не го слушате. Сепак вреди да се слушне, бидејќи има скриени бисерчиња за кои немавме време да зборуваме денес, а верувам дека ќе ви се допаднат, а ако не ви се допаднат, барем нека не ви се допаднат од правилните причини. Фала ви што нѐ читавте, се читаме и нареден месец. Дотогаш, слушајте добра музика. 


Целиот албум преслушајте го ТУКА!












Comments


bottom of page