top of page
logo_rodenden-5_edited.jpg

ФЕВРУАРИ СО КУЛТУРА БЕТА: Ретроспектива

Writer's picture: Култура βКултура β

На 15. февруари 2025 во кафе-книжарницата „Буква“, „Култура Бета“ ќе го прослави својот 5. роденден со сеопшт џем каде што секој од публиката е поканет да земе учество - како поет, како музичар, како колажер.


Овој мал јубилеј кој ни претстои е одлична можност да се потсетиме на некои од најинтересните, најчитаните, најгледаните, најзборуваните објави на нашите платформи. Ова се објави кои биле објавувани во текот на сите 5. години, а оваа ретроспектива ја правиме за да видиме до каде сме, но и на каде треба да одиме! А зошто да не и да поуживаме во блага ностилгија! Погледнете во продолжение.


  1. Првата објава на „Култура Бета“


На 16.2.2020 година, Андреј Медиќ Лазаревски заедно со другарите Марија Хана Трајкоска и Леонид Георгиевски, на пијачка во „Олд скул“ седнаа и го смислија следниов текст:


Со оваа скромна најава, започнавме! Ја најавивме нашата идеја која главно беше насочена кон отпочнување на младински аматерски театар што никогаш не се реализираше.














Тој наш мал театар многу брзо се трансформираше во онлајн платформа која почна да собира поезија, кратки раскази и визуелна уметност и да ја реобјавува на Инстаграм и Фејбук, креирајќи една нова архива на уметноста која ја создаваат младите уметници, книжевници, музичари, визуелни уметници. Неколку месеци подоцна ја отпочнавме нашата веб-страница и оттогаш „Култура Бета“ функционира во оваа форма во која што е денес.


  1. Првите интервјуа со музичарите од новата генерација: „На првото ЕП ни беше важно да извадиме песни. На албумот исто. Важно е дека сме сериозни.“


Уште од самиот почеток ни беше важно да создаваме простор за сите оние кои се занимаваат со младинска и алтернативна уметност, важно ни е да создаваме можности за поврзување на заедницата со себе, на уметниците со уметниците, на младите со младите... Од старт ни беше важно таа архива да биде сеопфатна и да биде што е можно поширока за да биде сведок на едно време кога се случува целосно нов бран на уметничката сцена во Македонија.


Едни од првите интервјуа со музичарите од новата генерација се оние со Хајка и со Луфтанза по повод излегувањето на нивните први албуми. Марија Хана Трајковска зборуваше со нив:


„Не сакаме албумот да биде ист како на другите бендови, затоа и ги ставивме фаците на кавер или имаме толку песни. Не дека измислуваме топла вода, ама во природа ни е да се бориме за најдоброто.“

„Македонската алтернативна сцена расте, а нова уметничка енергија се раѓа со младите музичари кои го обновуваат духот на панкот и психоделичнот рок. Зборувам за Луфтханза, бенд кој неодамна се оформи, а оваа недела освои големи симпатии од младата публика, по објавувањето на нивниот нивниот прв албум под налов 'Lufthansa Demo Tape I'.“ констатира Хана на почетокот на интервјуто со Мартин Џорлев од „Луфтанза“.


Понатаму се нижеа интервјуа, муабети, рецензии на албуми, свирки на бета-настани...

В сабота (15.2.) на нашиот роденденски настан, заедно со поетите од новата книжевна генерација, во рамки на сеопштиот џем ќе настапат и Мартин Џорлев, Дарио Циевски, Борјан Гаговски, Дарко Јованов и Ана Томашич.


  1. Бета-поезија: Една од најпрепознатливите рубрики на „Култура Бета“


Поетска рубрика беше една од првите рубрики кои ги започнавме на нашите платформи и со право е една од најпрепознатливите на „Култура Бета“, а и една од нашите најомилени. Речиси секој вторник објавуваме по една песна (а некогаш и повеќе), а многу автори токму на „Култура Бета“ го доживуваат своето дебитирање, првпат излегуваат во јавност со своето творештво токму тука или, пак, го јавнуваат бранот на многу разбрануваниот младински бран за поезија.


Во екот на пандемија организиравме и неколку онлајн поетски читања, а веднаш штом таа заврши го започнавме поетско читање „Поетска епизода“ каде што на една место ги собира поетите од сите генерации и има за цел да придонесе кон меѓусебно поетско запознавање, развој на критика, дискусија за поезија и отворање на поезијата кон јавноста наместо нејзино елитистичко затворање. На крајот на 2023 го започнавме и циклусот мултимедијални настани „Клинци“ фокусиран на млади автрои каде покрај поети, поетеси и прозни автори и авторки, секое издание има и изложба од млад фотограф или ликовен уметник.



  1. Рубриката „Лик на месец“


Уште една многу важна рубрика! Секој месец се трудиме да ставиме одреден автор или културен активист и работник или, пак, платформа во фокус и да направиме осврт на целото творештво на таа личност, како и разговор, рецензија, мини-галерија или настан.


„Оваа збирка треба да се чита и препрочитува оти со секое читање ѝ се откриваат нови димензии, се добиваат нови прашања и уште повеќе одговори. Се радувам што конечно кругот на верни следбеници на Ива Петреска на нејзините вешти поетски настапи сега ја добија нејзината поезија во вид на книга. И тоа одлична книга! Посакувам „Песнило“ да беснее на сцената. Како што и заслужува!“

од рецензијата за „песнило“ од Ива Петреска во рамки на „Март со Ива Петреска“


од претставувањето на романот „Ронлива“ од Милена Сиљаноска на 4. роденден на „Култура Бета“ во рамки на „Јануари со Милена Сиљаноска“


  1. Колумните на „Култура Бета“ се гласот на младите!


Колумните на „Култура Бета“ се дефинитивно содржините кои најмногу придонесоа за ширењето на колективот меѓу младите! Оваа рубрика, пред сето останато, е гласот на младите, местото каде што се слуша она што пречи во ова општество, она што е гнило, она што е актуелно и она што е добро. Низ „Култура Бета“ поминале 10-тина колумнисти, а гостувале уште мноштво, се обработувале теми од културата и културната политика, од актвизмот, од поп културата, од екологијата, од традицијата, од феминзимот, класните прашања, па до најличните и интимни теми како преселбата во странство, загубата на личности од животот... Фала им на Калина Качоровска, Дамјан Златановски, Ана Илиева, Иван Николов, Леонид Георгиевски, Васил Ханџиски и Ева Стојчевска, како и на сите гостински колумнисти што придонесоа кон развојот на овој многу, многу значаен дел од „Култура Бета“!


Неколку колумни низ годините имаат добиено оргомно внимание и читателите постојано им се навраќаат!


Верувале или не, првата колумна објавена на „Култура Бета“ е посветена на ТикТок

Ќе бидам искрена и ќе кажам дека сѐ уште не сум на ТикТок. Дали е тоа затоа што се сметам себеси за премногу кул за нешто толку популарно или затоа што едноставно не сакам да си дозволам себеси да се опесднам е друга тема во која не сакам да навлегувам. Меѓутоа, тоа не значи дека не гледам ТикТок видеа (сепак, мојата постојана FOMO состојба не би ми ни дозволила).

Пет години подоцна... сите зборуваа за ТикТок и сите зборуваат за неговото укинување. Пет години подоцна... Калина е на ТикТок. Веројатно поради ФОМО ;)









Тоа што секогаш радува за колумните е кога тие ќе отворат поширока дискусија, па со часови, а некогаш и со денови дискутираме за некоја колумна. Последните неколку колумни беа токму такви, откако ги срушија сите рекорди на читаност, предизвикаат бура од реакции за пишуваното (да не речеме отидоа вирални ;) ).

„Турбофолкот може да еволуира, но не може да избега од своите корени. Како пример повторно ќе ја земам Србија, затоа што сметам дека Македонија не е многу претставителна, од една страна затоа што моменталната политичка состојба изгледа многу поинаку од онаа кај нашите соседи (..) Но, еве, да видиме кој експлицитно застанува на страната на Вучиќ: Цеца и Карлеуша, двете најголеми турбофолк ѕвезди во државата. Од друга страна, студентскиот и граѓански отпор е јавно поддржан од страна на народните театри, музеи, професори, глумци, музичари. Што кажува ова? Колку турбофолкот и што (и кого) тој претставува навистина се има сменето од деведесттите до денес? Одговорот е повеќе од јасен.“ 

Уште слушате турбо фолк? Зошто?


Тешките периоди во општеството кога се случувале големи трагедии, кога сме биле на работ на откажување од животот во Македонија секогаш биле истретирани во оваа рубрика. Впрочем, само таму може, но и не само што може да го добијат своето место туку и мора да се зборува за тие теми. Убиството на Фросина Кулакова кое се случи пред нецели две недели е трагедијата која ги вклучи сите сирени дека ова општество не чини, дека системот пополека ги убива своите граѓани и беше тригер за конечна граѓанска мобилизација.


„Ова општество е труло! Ова општество е гадно! Ова општество системски нѐ убива и нас и себеси! Ова општество е труло и само последнава недела ни даде дури четири огромни причини за јавни реакции, а проблемите се мноштво ако ги земеме предвид сите индивидуални борби кои секојдневно ги водиме со овој систем. Систем за кој е тешко веќе само да се кажува дека е расипан, туку е систем кој ги втурнува сите граѓани во гнев, во бес, во очај, во тага, во апатија, во незадоволство.“

  1. Откопчај го копчето!


Со отворањето на новата кафе-книжарница „Илика“ во Скопје, започнавме заедничка рубрика наречена „Откопчај го копчето“ замислена како куси игриви интервјуа со македонски и странски уметници. До сега се реализираа над десетина епизоди, а вредниот тим составен од Марија Велинова, Стефан Спасовски и Андреј Медиќ Лазаревски кои главно стојат зад овој проект веќе подготвуваат нови работи!

Од дискретни погледи кога се откопчува копчето, до раслекување, ослободување, конечно откопчување на фармерките после прејадување, до отворање на умот - одговорите на прашањето „Што значи 'Откопчај го копчето'?“ ни се едни од најзабавните кои ги добиваме на интервјуата што ги подготвуваме.


На 5. роденден на „Култура Бета“ во „Буква“ премиерно ќе ја прикажеме најновата епизода на „Откопчај го копчето“ кое ќе биде специјално издание кое го подготвивме за вас!


  1. Рецензии на филмови, на книги, на претстави, на изложби, на албуми...


Куп текстови постојано се вртат по нашите платформи. Секоја недела може да откриете нова книга, филм, изложба, албум, но тоа што најмногу радува во нашиот тим е што со овие текстот постојано ем учиме, ем пишуваме - за кога ќе речат „денес нема критика“ да речеме „ајде да ја направиме“. Ја правиме.


  1. Бонус прашање.


Едно бонус прашање, онака, како тригер за размислување: Дали можеби ни е потребно списание на нашата генерација?


  1. Фала ви на сите за поддршката!


При крај, да ја искористиме приликата да се заблагодариме на сите, сите, сите луѓе, поединци, соработници, медиуми, ентузијасти, лудаци, креативци кои некогаш биле, се и/ли ќе бидат дел од „Култура Бета“. Фала на сите за поддршката!


  1. Голема гушка до сите!


Моментално „Култура Бета“ брои 9 членови: Андреј Медиќ Лазаревски, Марија Хана Трајкоска, Леонид Георгиевски, Калина Качоровска, Марија Велинова, Стефан Спасовски, Наде Циева, Амелиа Георгиевска и Дамјан Златановски, покрај нас во тимот низ овие пет години сме се дружеле и со Ана Илиева, Васил Ханџиски, Леонид Велковски, Иван Николов, Софија Тодороска, Ева Стојчевска, Георгина Петреска и Андреј Сивески, покрај сите нас повремено како автори на различни содржини гостуваат уште 30-тина луѓе, а уште над 500 луѓе на некаков начин поминале низ содржините на нашите платформи. Тоа се луѓето, луѓето ја градат заедницата, а на заедницата ѝ треба поддршка. Гушка до сите!


Се гледаме во сабота во „Буква“. Подгответе си песни, инструменти и дојдете да читаме, свириме и колажираме <3


Живели, за уште долго!

コメント


bottom of page