Пишува: Ангела Бошкоска
Стихови од збирката „Слободата чекори гола“ имав можност да слушнам во оригинал, напишани и прочитaни на арапски јазик од авторката Марам ал-Масри. По промоцијата на македонскиот препев, што се случи неодамна пред Скопскиот поетски фестивал, имав можност и да ја прочитам книгата, која, инаку, кај нас е издадена во 2021 година во ПНВ Публикации во препев на Јулијана Величковска.
Во оваа поетска книга стиховите се детски крикови, мајчински тажаленки и личен презир кон одговорните. Ова се стихови на војната во Сирија, зборови кои тлееја во мене некое време пред да го пишувам овој текст и чиј глас сѐ уште го слушам. Всушност, ја слушам како чкрипе кредата на Ал-Масри со која На училиштен ѕид / зборот слобода со бела креда го запишале / малите детски рачиња // На ѕидот на Историјата / нивните имиња со крв ги запиша / слободата. Во стихозбирката „Слободата чекори гола“ темата е една – слободата и сите нејзини поданици, жртви и посакувачи. Стиховите ги опејуваат тагата, болката, неправдата и потоа надежта, љубовта кон татковината и исповедта.
Татковината врз која паѓа смртта и Сирија која од крв ќе ја исчисти (само) љубовта на Сиријците. Последните песни од стихозбирката се речиси сите посветени на Сирија со метафорично значење на мајката земја како жена која е:
силувана ноќ за ноќ
од древно чудовиште
обесчестена, заклучена
принудена на брак
Компарацијата на непријателот на завојуваната земја со древно чудовиште, нуди историски контекст кој индиректно се наметнува кај читателот. Тој контекст не нужно, но може да произлезе од некој што проживеал, искусил и просведочил терор, кому му се убиени блиски. Фокусот на читателот при читањето на оваа стихозбирка не треба биде засенет од политичкиот аспект на војна(та) што секогаш ќе постои туку да премине кон анализа на поетиката на една војна како трагичен настан (доколку е можна како таква). Од таа причина и во овој текст ќе се насочиме кон описот на страдањето на мајките, слободата како желба, децата без детство, надежта и откажувањето опфатени во стиховите.
Низ повеќето песни се провлекува поетиката на мајчинството, на мајката која страда, на која не ѝ даваат да го украде синот од гроб, мајката со чии бакнежи ќе биде погребан убиениот маченик, мајката која синот го покажува на фотографија која е сѐ што ѝ останало од него. Мајчината љубов се однесува и на последните прегратки со бебињата кои сѐ уште не прогледале, а го напуштиле овој свет и мајките кои им влеваат надеж на ќерките за иднината, кои децата ги учат за цената на слободата и за бидувањето птица на небото со исечени крилја. Стихови се посветени и на мајките што раѓаат синови за нечии туѓи синови да им ја одредат судбината. Мајчиното страдање како мотив е речиси истозначен во повеќе песни, но секогаш поттикнува различно чувство. Кога станува збор за поезија на страдањето, во случајов огледално поставена со ужасот на реалноста што навистина се случува(ла), не може да се остане рамнодушен, па оттука може да се посочи на умешноста на поетесата во врамувањето на болката во стихови. Особено и поради тоа што таа употребува малку зборови и притоа го користи секојдневениот јазик.
Присутна е и љубовта на децата кон загубените мајки, сестри, татковци. Детето кое во крв ги гледа мајка си, татко си и сестра си, која го носела името Хурија што на сириски значи слобода и која се родила еден ден пред да биде убиена. Голем дел од песните се посветени на децата, децата на слободата, децата на Сирија, децата кои се заразени со хемикалии и кои созреваат во ужасите на војната, децата во кои останува траен немир и кои немаат детство. Сурови се стиховите за децата кои не знаат каков е вкусот на бананите и јагодите и кои си играат со остатоци од бомби. Но тоа е вистината на Ал-Масри, онаа што таа ја препознава како таква и за која одбира да говори гласно. А, за тоа говорат и насловите на некои песни кои (веројатно) се преземени од вистински новинарски извештаи како 15. март 2013: 5 000 бебиња убиени или 15. март 2013: 5 000 жени во сириските затвори или 15. март 2013: 1 364 286 бегалци.
Обвиен со детски солзи централно место во оваа збирка поезија зазема концептот на слободата. Пред сѐ, слободата што чекори гола, /слободата што ѝ е љубовница на силата, слободата што со живот се купува, слободата на мртвите синови, и слободата на мајките кои ги оплакуваат и одземената слобода на неродените бебиња. Еден од највпечатливите стихови за слободата е слободата прави свадба – затоа што подароците кои таа ги прима се скапи колку еден човечки живот и доаѓаат во ковчези, многу ковчези. На таа свадба нема гости, зашто сите умреа за да ѝ ја платат прославата. Но, таму се децата кои танцуваат со ветришта поради нечии туѓи ветрила оставени сами на себе, а некои не танцуваат зашто не се родија - ова бебе е закопано од бомба.
Ал-Масри не го изоставува и свирепиот однос на човештвото, односно, човекот како поединец кој неретко не реагира или е немоќен да реагира на ужасите на една војна. Пренашминката водителка, ваков наслов носи една од песните во која репортерка упорно распрашува дете додека заедно со камерата, а зад неа и целиот свет гледа во труповите на неговите најблиски. За светот кој на аукција ги става животите на децата, жените, иднината, младите и историјата на една земја, нација, цивилизација. На Сирија. Со песната Одев, бев истоштена..., која гласи:
Одев, бев истоштена.
Погледнав зад себе
и видов дека влечам планина
од тага со мојата десна рака
и планина од надеж со левата.
Како да се сумира целата збирка во која поетесата го носи товарот на тагата, изнесувајќи го гласот на онеправданите и настраданите, додека истовремено најавува надеж, открива дека има верба. Впечатливо е како Ал-Масри, која денес живее во Франција, не се исклучува себеси и својата позиција во критикувањето на војната во Сирија, па вели: Ние прогонетите / живееме на антидепресиви. / Фејсбук стана нашата татковина. Во оваа песна се и стиховите задремуваме полни со тага, / се будиме со полни надеж, во кој таа зборува за сакањето на татковината која е осудена на смрт.
Поетесата на читателот му открива дека иако ја зела улогата да биде гласот на безгласните, поезијата не помогна во тоа:
Поезијата не помогна
Песните не помогнаа
Танцот не помогна
Солзите и плачот не помогнаа
(...)
да се спречат тенковите што доаѓаа.
Понатаму, признава дека е тажна во време кога тагата не е дозволена. Но, во истоимената песна повторно се раѓа надеж – се посакува крај на сите убиства. Оттука до крајот на книгата, поетесата се навраќа на претходно опеаните стихови, на нејзниот дом, на зградата во која пораснала, на писмото на мајката Арапка до нејзиниот син, на желбата да создаде нов свет. Читателот повторно се наоѓа во судир со бруталната искреност и соголената болка што ја содржат стиховите низ целата збирка.
На спомен-слика
дваесетгодишно момче
лежи испружено сретполе
меѓу зелените билки на неговото село
Позира, горд на својата младост
Не знае,или, можеби, знае
дека наскоро
ќе стане храна
за растителниот сок.
Конечно, може да укажеме дека да се размислува за тагата, неизвесноста и несреќата што го снаоѓа еден човек е речиси неиздржливо. Сепак, да се пишува за ужасот на илјадници невини жртви е голем товар. Како таков оваа поетеса го носи натопен во водата на трпеливоста и тој останува со неа, товарот кој можеби само зборовите можат да го по(д)несат докрај и да го запечатат за никогаш да не се заборави како што еден читател не може да ги заборави нејзините стихови.
Comments