Издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје од 29 октомври ќе започне со серија книжевни гостувања на автори од Скопје во внатрешноста, во соработка со локални чинители, под насловот „ДОБРИ ГОСТИ“. Книжевните гостувања би се случувале во повеќе градови во земјата, за по период од околу една година да се заокружат со едно големо читање во Скопје, на кое би настапиле сите учесници на настаните.
„Целта ни е авторите што живеат во Скопје да се запознаат подобро со квалитетните, повеќе или помалку познати, автори од сите возрасти од другите градови во земјата, со особен фокус на помладите. Сметам дека е важно и авторите од помалите места да ја добијат заслуженоста медиумска видливост, како и да се раздвижи книжевната сцена што се надевам ќе придонесе и кон подобрувањето на квалитетот на книжевната продукција. Идејата е да се случат дружби, пријателства, размена на креативни идеи и ставови... но и да се обединиме во она што ни е заедничко ‒ книжевноста и уметноста воопшто“ ‒ вели Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на ПНВ Публикации.
На книжевните гостувања планирани се читања на поезија и проза, емитување поетски филмови и други краткометражни филмови поврзани со литературата, разговори со автори, со издавачи, разни трибини, книжевни промоции, работилници и слично.
„ДОБРИ ГОСТИ“ својот прв настан ќе го одржи во Штип. Читањето ќе се одржи во сабота на 29 октомври со почеток во 19:30 часот во Домот за култура „Ацо Шопов“, а потем авторите и публиката ќе имаат можност да се дружат во пабот „Онли фулс енд хорсес“.
Ќе настапат дваесетина автори, а ќе бидат емитувани и дванаесетте поетски филмови изработени за проектот „Стиховно мапирање на Скопје“ што премиерно беа прикажани на второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“.
Од Скопје ќе читаат: Лилјана Пандева, Владимир Мартиновски, Андреј Ал-Асади, Николина Андова Шопова, Андреј Медиќ Лазаревски, Иван Шопов, Марија Ангеловска, Стефан Костоски и Јулијана Величковска, а домаќини ќе бидат штипските автори: Павлина Атанасова, Марија Велинова, Марија Шаклева, Трајче Кацаров, Милена Ристова-Михајловска, Искра Постолова, Матеја Богдан, Макрина Јорданова и Ребека Спасова. Поетските филмови, пак, се дело на Марија Шаклева, Сандра Ѓоргиева, Диме Данов и Валентина Бакти од Србија.
Овој пат читањето ќе добие и предзнак интернационално, бидејќи штипјани ќе можат да се запознаат и со творештвото на Иван Херцег од Хрватска и Марија Костиќ од Србија.
Настанот ќе го водат Јулијана Величковска и Андреј Медиќ Лазаревски, а „Култура Бета“ ќе биде медиумски партнер на проектот.
Comments