top of page
Writer's pictureКалина Качоровска

Дали андерграундот сѐ уште значи подземје?




Земајќи го предвид фактот дека пишувам за сајт кој се вика „Кулутра Бета“, некако природно е голем дел од моите колумни да се занимаваат со културата како тема, од различни социо-општествени перспективи. Но, со оглед на тоа што вториот дел од името на нашиот сајт е бета, логично е дека во целост, нашиот колектив твори, анализира и критикува, пред сѐ, алтернативна култура. Алтернатива, андерграунд, супкултура, независна (инди) се само дел од термините кои ги слушаме и самите ги користиме кога сакаме да опишеме дел од културата, уметноста или едноставно, општеството, кој е надвор од стандардот, кој не е диктиран од современите трендови и кој е неретко неинституционализиран и (финансиски) неподдржан. Станува збор за култура која со децении е на маргините и е потчинета од мејнстримот, но дали ситуацијата е иста и денес? Дали андерграундот сѐ уште значи подземје?


Она што (ќе) го зборувам е првенствено случајот во Македонија, а не во светот, заради тоа што сметам дека разликата е клучна. Имено, појава која често ја имам дискутирано со голем број луѓе, пред сѐ луѓе кои или самите се занимаваат со култура, или пак активно ги следат случувањата и новостите на тоа поле, е тоа дека веќе некое време, македонската алтернативна сцена нуди многу поголем диверзитет, новитети и едноставно, количински твори многу повеќе од мејнстрим сцената. Секако, тоа не значи не излегува ништо ново, оригинално или квалитетно од страна на популарната сцена, но дека доколку активно ја следиме ситуацијата, ќе видиме дека во споредба, независната уметност цути и е во полн ек.


Наједноставно можам да го визуелизирам она што го зборувам, се разбира, преку музиката. Без разлика каква музика слушате, до пред некоја година беше апсолутно невозможно некој да ги нема чуено хитовите на поп музичарите. Сакале или не, во 2018, сте знаеле кои се Два Бона и најверојатно сте им ги слуш(н)але песните (иако неретко со изговор дека е „на шега“). Дали во 2022 тие сѐ уште прават музика? Веројатно да, но јас веќе три години немам слушнато ништо за нив. А, што со, на пример, Тамара Тодевска, музичарка која со години е пример за „позната личност“ (термин кој кај нас според мене нема никакво значење, но тоа е тема за друг пат) во Македонија? Сѐ што знам за нејзе во последно е дека го утна текстот на химната, па истиот го тетовираше и најново, дека се разведува од сопругот. Ниедна од овие информации нема никаква врска со нејзината музика, а не знам ни дали воопшто има нови песни или албуми после „Евровизија“. Тука, некој лесно може да ми се спротистави и да ми каже дека немам право да зборувам затоа што едноставно не следам и дека тие кои следат, знаат. Точно. Но, популарната музика го носи тоа име затоа што треба да биде популарна.


Оттука сакам и да појаснам зошто потенцирав дека зборувам само и исклучиво за Македонија, а не за светот. Затоа што, иако не го слушам, на пример, Drake, не само што знам дека скоро извади нов албум, туку знам и песна од албумот иако апсолутно ниеднаш не сум си ја пуштила да ја слушам. Не велам дека песната ми се допаѓа, туку дека ја знам затоа што Drake e еден од најпопуларните музичари на светската (мејнстрим) сцена и што и да извади, ќе биде чуено од страна на голема маса на луѓе без разлика дали се фанови или не. Во суштина, доаѓам до таков заклучок дека популарната сцена кај нас не само што е неразвиена, туку слободно можам да кажам дека таква сцена денес воопшто не постои. Потсетете се на поп музиката од раните 2000 или 2010 во Македонија. Иако кај мене дома ретко се слушаа тие песни, албуми и изведувачи, неоспорлив факт е дека во тој конкретен момент, тој тип на музика беше во својот ек. Еден куп различни имиња, голем избор на жанрови, соработки за паметење, современ звук, несекојдневен, а сепак модерен изглед и изобилство на хитови. Популарна сцена која е жива, разновидна, динамична и активна. Сосема спротивна од тоа што е денес, но затоа од друга страна, сега алтернативната сцена ги исполнува истите карактеристики.


Под еден ист чадор насловен како „алтернатива“ или „андерграунд“ можат да се стават многу различни изведувачи чија музика нема никакви сличности. Дефиницијата на овие термини ја дадов погоре, па затоа нема да се повторувам, туку ќе се запрашам: помина ли барем еден настан во текот на летото (а и во текот на есента) без да настапуваат Хајка, Луфтанза, Дина Јашари, Corrosion, 21 Век, Пијан Славеј, Dope Куќата (некогаш еден од нив, а некогаш и сите настапуваат на истиот настан, како на пример на „Д Фестивал“)? Интересно е што не станува збор само за настани посветени на промовирање на алтернативната музика, туку и фестивали, промоции или бруцошки на кои традиционално би биле поканети поп музичари, сега се „водени“ од страна на новата генерација на алтернативна музика. Па така, се враќам на прашањето од насловот и првиот параграф. Андерграундот кај нас сѐ уште значи подземје во однос на институционалната и финансиска поддршка и веројатно тоа нема да се смени уште долго (а, токму заради тоа отсуство на надворешна поддршка, постои уште поголема соработка помеѓу самите бендови и музичари, совршен пример е новосоздадениот „Гола Планина Колектив“). Но, интересно станува кога зборуваме за андерграундот како подземје во однос на популарност. Веројатноста дека македонската алтернативна музика ќе добива милиони прегледи на YouTube е далеку од мала, но во суштина, тој факт е речиси и неважен сѐ додека андерграундот ги доминира културните настани, социјалните мрежи и медиумите. Да, можеби на Facebook наидов на објави за разводот на Тамара и Мачка објавени од спознориран жолт печат, но никогаш не сум видела објава за нова песна на Таско или Пајак. За разлика од тоа, редовно наидувам на интервјуа, рецензии и критички осврти за музиката на различни алтернативни музичари, и тоа не само кај независни и неформални здруженија како нашето, туку и кај високорангирани и етаблирани медиуми како „Слободен Печат“, „Радио Моф“ или различни телевизиски емисии.


Иако во „Култура Бета“ најчесто се занимаваме со бета културата и нејзината важност, културата е цела само кога постои и „алфата“. Не може да зборуваме за алтернативна уметност, ако не постои мејнстрим уметност, затоа што првава треба да биде „алтернатива“ на нешто, андерграундот е подземје само ако постои нешто над земјата. Независната култура не смее и не може да постои без зависната, па така, искрено се надевам дека повторно ќе се создаде силна популарна сцена. А, на крај, поздрав до сите оние кои го издигнаа андерграундот над земја. Се држиме!



 

Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, песни, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.









Comments


bottom of page