Ланскиот текст за тогашниот Д Фестивал го започнав со „Се молиш да не врне трите Д-денови. Се качувам во полниот автобус, добро е – има клима. Седнувам и го започнувам патувањето до Дојран, одам по петти пат на „Д Фестивал“. Годинава повторно – се молиш да не врне трите Д-дена, а како и секоја година врне, истура; се качувам овојпат во автомобил, тргнуваме накај Дојран; Седнувам и го започнувам патувањето до Дојран, одам по шести пат. Програмата, како и секогаш солидна, иако да бидам реален не бев многу возбуден за годинешниот line up, но како што секогаш кажува другарка ми Калина: „на фестивали секогаш најубаво се поминува на бендовите кои не ги знаеш“ – и навистина беше така! Три дена со концерти, свирки и сетови од утро до следното утро, а подолу ќе направиме осврт на неколку нови бендови откриени на годинешниот Д Фестивал, но и на неколку стари добро познати, а и на уште неколку други значајни сегменти од фестивалот за кои секогаш се радувам. Или кои ме нервираат.
1. Но, прво за бендовите!
Иако, во недела во рамки на рубриката „Воздишки“ ќе направам селекција на музика од Д Фестивал, но сепак овде ќе направам осврт на неколку бендови и артисти кои ми оставија убав впечаток. Почнувам од првиот ден со Fulu Miziki, бенд кои како што кажаа во интервју за Радио МОФ свират за иднината, со инструменти направени од смет и со одлична публика која денсаше од самиот почеток до крај. Секогаш ваков тип на музика ми се допаѓал, ја сакам бидејќи ја подига атмосферата до максимум, прави сите да играат до избезумување и дополнително се запознаваме со една цела нова култура која не ни е воопшто позната – чујте!
Убедливо едни од највпечатливите македонски бендови кои настапија на Mosquito Stage беа Харакири, уште еден нов бенд кои со сигурност ја освојува сцената и кои имаа одличен, сосредочен, конкретен и концерт со приказна, а публиката растури на нивната музика. На Smooth Stage одлични беа Visionary Records и AudioCigla, нашиот Лик за месец јули, за кои присутната многубројна публика имаше одлични реакции, а со оглед на тоа бидејќи првпат присуствувам на нивни настапи сметам дека овие артисти се одличен нов бран на хип-хоп и електро-поп сцената. А еден од најдобрите концерти на овој Д Фестивал можеби беше концертот на Паркети со уште еден одличен настап!
Како за човек кој никогаш нешто посебно не сакал техно, сепак годинешните артисти кои настапија и на главната сцена и на Electronic Beats Stage ме предомислија во однос на оваа моја не-љубов. Sigala и Meduza – супер, Xenia како лани и годинава растури со својот сет, а Indira Paganoto и повеќе од одлична за затворањето на првата вечер. S.A.R.S., Kiril Dzajkovski, Funk Shui иако често гледани на нашите концерти, повторно направија одлични концерти кои уште еднаш ја потсетија публиката колку добри журки знаат да направат!
2. Плоштарт – Спознавање, Foreground Totebags и Фејк Илустрации
Она што ми е секогаш многу убаво на Д Фестивал е Плоштарт и сите штандчиња кои продаваат разноразни слатки нешта. Како и секогаш Вело кафе со најубавото кафе на светот, тука беа и Чудна шума со работилници, продавничка за книги, како и можност за изнајмување на книги за читање (на Д Фестивал си ја прочитав „Сега ти стануваш јас“ на Долорес Атанасова – Лори во издание на Чудна шума), а најубавите штандови беа оние на Спознавање, Foreground Totebags и Фејк Илустрации.
Спознавање е креативна платформа за глас на локалната сцена, прават интервјуа, претставуваат нови локални артисти, а пред некое време го издадоа своето прво печатено издание кое можеше да се најде на Д Фест.
На друг штанд беа тотињата на Foreground и новите слатки ствари од Фејк илустрации – омилените торбички, како и тефтери, фризбиа, стикери на едно место. Ѕирнете!
Зад Плоштарт беше сместена Bravo Stage каде што од сабајле до вечер се случуваат сетови на нови диџеи кои подготвија музика за сите оние кои седат покрај езеро.
А најдобрата журка тука се случи во 7 часот наутро после последната вечер – како што треба за затворање!
3. Рации и останати г……….лупости
Како и секоја година, традиционално, особено последната вечер покрај Дојран беше исполнет со прекрасните пријатели од МВР кои (не) знаат за добри журки и шират многу пријатна атмосфера на единствениот вистински летен фестивал во Македонија. Ја споделуваме пораката од организаторите:
Како и да е, сè на сè, прекрасно, возбудено, зачудено, питорескно, заљубено. Си заврши уште едно издание на омилениот „Д Фестивал“, издание кое беше најдобро до сега, нека се множат годините и се гледаме догодина.
Летово продолжуваме со уште купче фестивали и настани, а ќе има многу!
Фото: Официјална Facebook страница на Д Фестивал // приватна архива
Comments