top of page
Writer's pictureКултура β

Д. А. Лори: Скопје е инспирација!

Стихови од Д. А. Лори, една од учесничките на 2. Скопски поетски фестивал која со своите стихови ќе се претстави на настанот „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“ на 30 август во Младинскиот културен центар. Станува збор за тематско поетско читање посветено на битничката генерација поети, на кое авторите во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол ќе читаат своја поезија на начинот на кој тоа го правеле битниците.

„Доаѓа така време

човек да застане

на работ на светот

и повторно да се

измисли себеси,

да измисли сè.“


Зошто на Скопје му е потребен „Скопскиот поетски фестивал“?


Д. А. Лори: Доволно е да прошеташ низ градските улици, и од темните џебови на градот и плочникот по кој илјадници газат, и уличните светла кои исчезнуваат во скопската магла, и музиката која патува низ воздухот заедно со миризбите од кафулињата и рестораните, ќе начуеш љубовни ветувања, изблици на радост, извици на болка, изгубени сеќавања, заборавени времиња, и сите тие се населуваат на нечиј празен лист хартија, и стануваат пулсот на градот, неговата поезија. Скопје е инспирација.



Долорес Атанасова – Лори е родена 1974 г. во Германија, каде што ѝ минало раното детство, а потоа живела во Охрид, сѐ до 1993 г. кога се преселува во Скопје каде што живее и сега. Работи како професор по англиски јазик. Песните на Д.А.Лори за првпат се објавени во „Букбокс“, а во 2014 г. ја издава својата прва стихозбирка „Будење во трето лице еднина“ (Блесок). Во 2016 г. ја издава „Со ветрот под рака“ (Антолог), а во 2019 г., излегува нејзината трета книга, „Небо во кафез“, (самостојно издание, поддржано од Министерство за култура). Нејзини песни се објавувани во ревии, во монографии и во периодиката, како: „100 000 поети за промена“, е-книгата „Поетискон“, онлајн магазинот „Словокулт“, Fixpoetry (германска платформа за литература на интернет), монографијата на „Астални проекции“ и списанието „Современост“. Добитник е на наградите: „Антево Слово“ (Ангело ла Векија, 2017), „Тодор Чаловски“ за 2019 година, во чии рамки беше објавена и нејзината четврта стихозбирка „Ќе фатит бран“ (Галикул). Во 2020 г. беше номинирана во потесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ (СВП). Нејзини песни се преведени на германски, на англиски, на хрватски, на српски и на шпански јазик.

Comments


bottom of page