Македонска книжевна сцена ја добива својата нова младинска генерација чиј дел се мноштво квалитетни автори и авторки кои веќе зад себе имаат неколку стихозбирки, учествуваат на домашни и меѓународни фестивали, преводи во странство, како и награди во Македонија.
Во продолжение ви претставуваме песни од неколку автори од новата книжевна генерација заедно со фотографии од поетските читања кои ги организираме со „Култура Бета“, а каде што најзастапени се овие автори, како и линкови до нивна поезија, интервјуа со авторите и авторките од најновата генерација и осврти до нивните стихозбирки.
кажи ми да чујам
МАРИЈА ВЕЛИНОВА
на прабаба ми
ајде кажи
кажи ми за себе
кажи за секоја
тртка и бемка и семка
на кајсијата во дворот
дали лесно се лупи
кажи ми за сонот
во кој тепаш слонови
кажи дали тоа се
маките твои големи
кажи ми за комшиката
дека скарани сте
а сестра ти е
и утре пак истото
и утре фустанот
и шамијата
и да не одам боса
и да не одам гола
и да ги спуштам ролетните
– комшиите да не ме видат
и да не седам до касно
и да си сркнам шеќерче
и после притисокот паднат
– шеќерот дигнат.
а може утре
да ги скинеме заедно
и шамиите
и комшиите
и може утре
да ги гушнеш слоновите
од соновите
и босонога и гола
ко самовила во ангола
да трчаш лишена
од болката во колкот
и болката поради молкот
со крилјата возвишена
да полеташ за да те видат
да запееш за да те чујат
ко што ми кажуваше
за јас да чујам
може утре
да создадеме сѐ
освен историјата
на она што го создаваме
*
о! време
гневно на часовниците
ќе те свртам назад
и ќе те бакнам
во ритам на тамтамот
што чука за отпор
*за збирката „Омарнина што омалаксува“ на Марија Велинова прочитајте ТУКА!
историја
Саранда Мехмеди
Еден ден
ги покрив ушите
набљудував
долго набљудував
потоа ги затворив и очите
и видов многу подалеку
од знамињата
мала патна торба
Ивана Јовановска
те оставам секогаш мирен.
тебе, што си си се потпрел
на едното рамо на европа и трпеливо чекаш
како помеѓу нас да нема километри, планини,
возови, разделби, распореди.
со дел од себе
во тебе пронаоѓам часови чекање
и знам дека морам да ти се вратам,
да го запрам часовникот што брои.
помеѓу љубовните песни, чекори и молчење
ме раззеленувааш и ме ослободуваш.
добрите поети пишуваат за универзални нешта,
а јас пливајќи во купишта стихови за тебе
никако да се подобрам.
само те љубам и се протегнувам
од едно до друго море
и од еден до друг бескрај
се пакувам во мала патна торба.
*избор поезија од стихозбирката „Номадски затвори“ од Ивана Јовановска прочитајте ТУКА!
млеко
Ива Петреска
Млекото врие,
„се надига“, како што велеше баба ми.
Млекото расте
заедно со пареата кон работ на ѓезвето.
Жубори, но скришум.
Млекото во утробата
си го крие бремето.
Не пука звучно како водата
што постојано се менува.
Шумоли тајно,
му шепоти наметливо на лонецот
што срамежливо почнал да заруменува.
Млекото − бело,
што ја впива девственоста,
ја измива коравоста на кожата,
ја измазнува женственоста.
Млекото − чисто,
впиено во порите на змијата и на Клеопатра,
млекото − зачеток.
Бебе што се храни од вимето на спокојот,
оној што се разигра под дејство на топлината.
Млекото − еликсир на животот,
со сите потребни состојки
да расцвета човечка пупка.
Здраво човечко млеко
од здрави дојки на девојки!
Преку млекото доенчето
и заштита од отровот на светот прима,
шмука лакомо, иснтинктивно,
оти така е запишано,
во секоја наша клетка:
да голтаме млеко
од првиот здив − репетитивно.
И не ни е доста!
И на телето му го крадеме растењето.
Не ни е доста!
Да можевме секоја цицка
во природата ќе ја исцедевме!
Па што, секој сака вечно да е дете.
Децата, нели, немаат грижи.
Млекото врие,
„се надига“, како што велеше баба ми.
А сега, кој ќе го собере кајмакот?
*за стихозбирката „Песнило“ од Ива Петреска прочитајте ТУКА!
немир
Софија Добревска
Во езерото едно кајче плови
и го попречува видикот
онаму каде се допираат две синила.
Се ниша лево-десно, како глуварче
и не знаеш што е понемирно,
езерото или кајчето?
Кој кому му го нарушува мирот
со своето присуство?
Кое од нив ми го одзема здивот?
Во езерото едно кајче плови,
а во него - ти
среде сето мое размислување.
***
Викторија Ангеловска
метеж повторно.
се вратив во сопствената изопаченост.
левото е десно, десното е
којзнае каде.
ова е жолтата соба.
тука сите се среќни,
иако сите едвај си ги паметат имињата.
од милион гласови
се создава само еден
што зборува на неразбирлив јазик.
слушам. молчам.
затворам очи и танцувајќи заминувам,
зашто, парадоксално,
само така знам дека сум вистински тука.
инаку,
моментот бега
како бел зајак,
a jac, Алиса,
трчам, трчам, трчам,
верувам, верувам, верувам
и
по стоти пат пропаѓам во дупката.
*повеќе за стихозбирката „Ноќта сѐ знае“ прочитајте ТУКА!
светот нема да се спаси со раѓањето на деветмилијардитиот човек
АНДРЕЈ МЕДИЌ ЛАЗАРЕВСКИ
кон сликата „Nativitas“ на Бојан Звездаковски
жолти чапји развиорени
како феникс
или
како воскреснат Исус
бремени со зло
го обременуваат светот
со непотребно многу луѓе што
се претвораат во сеништа.
и џабе воздигнати феникси
и џабе воскреснати Исуси
светот нема да се спаси со раѓањето на
деветмилијардитиот човек туку
тој ќе ја победи
гравитацијата.
ќе падне.
жолтите чапји
го промениле човекот
од јагне – волк
од гуштер – змеј
од славеј – гавран
на човештвото му недостасуваат
повеќе добри луѓе
овие
злобни сме.
жолтите чапји
докажуваат дека
овој свет ниту е најдобар
ниту некогаш ќе биде.
го носат Кандид кој страда
распнат на тријадата
волк ‒ змеј ‒ гавран
смрт ‒ тага ‒ болка.
*за стихозбирката „Молитвени дискурси“ од Андреј Медиќ Лазаревски прочитајте ТУКА!
***
АНГЕЛА БОШКОСКА
Погледни ме,
кажи ми дека не сакаш да сме под истото Сонце како и вчера
да си жолт и црвен и повторно жолт?
Зар сакаш да си црн?
И да си орел на небото
наместо зрак на земјата?
Зар сакаш да си ми меурче во дланка
наместо грутка крв во срцето?
Мислам, те мислам, не смислувам
како и натаму си ми далеку
кога јас те чекам в постела?
Размислувам.
Ќе ме мразиш ли уште
кога јазик со јазик ќе се допреме
и ќе се сфатиме како тогаш
и дали после тоа ќе кажеш дека нешто нѐ дели
мене и тебе,
нас и вас?
Зар постои линија меѓу двете глави
што Сонцето не може да ја стопи?
Сите мои светлини нека одат за дел од твојата црнина,
може ли?
Ќе останеш ли далечен
ако јас те викам мој?
каде и да одам се помолувам на тие пред мене
ДАМЈАНА ВИДИЧЕСКА
Денес не прашувај ме зошто овој крст
не го носам повеќе меѓу веѓите, ниту,
пак, меѓу градите.
Заборави ли дека најдобриот ми пријател
е баба ми, два метра под земја,
та ми зборува во сништата?
Ме потсетува која сум и од каде сум,
често ме носи во маалски улички
за да ме предупреди од чудни коски в ѕидови.
Ми свирка и ме пази од урочливи очи,
се буди во прстите на мајка ми
секое велигденско утро. Се присторува
црвено јајце и ме гали по лицето,
а некогаш и ко полумесечинка ми се смее
од црното небо.
Кога му кажував на другар ми дека и јас
нешто во животов изгубив:
My necklace! My evil eye necklace! It’s gone!
Веѓите му се накострешија и ме чапна
да бегаме. Не му се спротивставив, та
во сенките ја видов, морав да заминам.
Ноќта в сон ја опитав од кого ме отера.
Јас сум полу.
Полу од Месечината и Сонцето,
Пола од мајка ми и баба ми.
Каде и да одам се помолувам
на тие пред мене.
В тупаница носам линии од нивниот живот.
Животното писание нанесува болка,
особено таму каде што не го негуваш,
та еве ме сега, стискам дланки
за да не стискам заби –
шумолам низ нив, пештери од зборој.
Колениците ми се раскрвавени,
бојам црвено низ чорапи бели –
проштевај ми ако некогаш те заборавам,
твоите реџби постојано на плеќи ги носам.
градот без сенка
НИКОЛА НАУМОВСКИ
Деновите пожолтени од жега
се огледуваат во зениците на луѓето
што бавно и безволно чекорат
врз златната подлога од Сонце.
Лудиот август веќе ги беше пуштил своите пипала
низ сувиот застојан воздух.
Прекален дух со блескава фасада го засипува денот.
Чиниш самиот остров е слепо вжештено чудовиште
со уста од која капе мандаринов сок.
Постои еден корав гниеж во умереноста на одлуките,
постои густеж од плевел изникнат зад маргините на сеќавањата.
Mи го изговараш името од другата страна на брегот.
Твојот глас е како привид.
Лишен од клаустрофобијата на оваа епоха
со доволна количина хашиш и водка во организмот
нестрпливо загазувам во водата,
знаејќи дека сега не е сеедно каде ќе ме однесат брановите.
Онака лаконски и дрско почнувам да ја презирам плимата
што ми го краде здивот полнејќи ми ги градите
со алги, сол и песок.
Гледаш дека нашите обиди да ја имитираме
како крлеж целосно се зариени во кожата
на развлеченото и предолго лето.
Градот без сенка уште веднаш ја пролеа својата отровна лига
во неспокојот на водниот ум.
Некаде во овој хаос на длабоко преживување
почнуваме да ги губиме зборовите.
Твојот јазик веќе речиси не поседува човечки траги,
сепак, можам суштински да ти ја насетам намерата.
Неми, а луцидни го дисторзираме темпото на времето
‒ резултат на неуморно удирање по папокот на линеарноста.
Тонеме во беспросторен лач очекувајќи ништо.
Здогледав пејзаж од крв и ’рж на твоето лице,
слушнав ехо од жубор и танц на пресечени стебла.
Ја видов сенката на градот удавена некаде во морето.
скопска ситуација
ВАСИЛ ХАНЏИСКИ
Град полн евтини кафеани
во кои се водат бизниси
и се изневерува.
Парите поважни од искрените пријателства.
Град полн големи трговски центри
каде што се купува сѐ
за да се сокрие сопствената несреќа и несигурност.
Редици за да се искористи уште еден
новогодишен попуст.
Град полн паркови
со претепани малолетници, а малолетничките силувани.
Место каде што згаснува детската невиност.
Град полн спортски терени
на кои 10-годишните деца губат секаква надеж за спорт.
Град полн театри
во кои луѓето плукаат по актерите.
И бараат само комедии.
Град претворен во казино
во кое луѓето ја коцкаат и последната надеж.
Измамени од бесплатен алкохол и убави девојки
го вложуваат и тоа што го немаат.
Град полн гранапчиња
ограбувани од малолетни деликвенти.
Полиците полни намирници
џебовите празни како на скитници.
Град полн училишта
за неписмени генерации.
Град полн болници
но докторите се веќе во Германија.
Објекти од седумдесеттите и таму застанати
чекаат да ги доголта времето.
Град полн политичари
под различни знамиња,
но со исти лаги.
Градот на солидарноста
што стана бездушен!
*повеќе од поезијата на Васил Ханџиски прочитајте ТУКА!
јавачи на ветер
СТЕФАН СПАСОВСКИ
Го зауздивме ветрот со молскавична опашка
Му ги стегнавме прашините да не може да лета
Па му ја зафрливме омарнината ‒ да не брза толку
Го зауздивме ветрот со нашите сетила
Со устата го кротиме да не бучи
Со допирот го мамиме да се потсмири
Зашто е брз ко жетвари напладне
Со ушите го слушаме неговото ѕвечкање
В лице ни бие неговиот напор
О, толку е и силен и сјаен
Што ниеден пастув не му е рамен.
Го зауздивме ветрот со нашите соништа
Кога е сонот убав ‒ уздите се стегаат
А тој галоп (галоп)ира во секој час од нашиот поспан ум
Но, кога сонот е кошмар ‒ ветрот едноставно стивнува.
Се испенавува на перницата на која спиеш
Ветрот молчешкум нѐ води во секој сон
Тој е првиот допир на перницата
И последно сеќавање на вечерта.
терариум
Филипа Сара Попова
Зелено е
Скокотлива болка ми игра на рамото
Се чувствувам закотвена во непознато тло,
А се движам
На лево и на десно, се веам во просторот
се наденувам на сопствените трња,
се галам од туѓите форми и дразби
се потпирам на слободата на летањето.
Влажно е и зелено
Бев само обична намера,
скица во нечиј ум
а сега имам листови
и сум
Топлина ми извира од телото,
мојата пареа е глад за иднината,
продолжување на циклусот
минатото е само бледи кафени дамки
на стеблото, стари изгореници
Чудно е, влажно и зелено
бев нечиј сон,
а сега растам
и гордо ќе се ширам во воздухот
иако некогаш толку јасно
над мене испакната се гледа
границата на стаклениот свод.
*повеќе песни од стихозбирката „Скршен терариум“ од Филипа Сара Попова, добитничка на „Млада Струга“ за 2024г. прочитајте ТУКА!
отаде стравот
АНДРЕЈ АНЃЕЛОВИЌ
од пукнатината на ѕидот
соѕидан од калфа, мајстори,
од тули и сув малтер
тропаше и одекнуваше стравот.
навираше во ноќта
разјадувајќи ги борците
тргнати во поход да му се спротивстават
со безбожни утехи и распарани амајлии.
тогаш,
темнината сокриена меѓу вкрстени дланки
на најгоркиот верник
паднат в молитва
успеваше да ја затне пукнатината.
но, навиреше ли гласот
таа се разлеваше
низ коските.
провејуваше длабоко
низ горчлив ветер
за да ја распостела в градите чумата темна.
длабоко кога ќе пуштеа луѓето рака
да продрат низ пукнатината,
таа гризеше со својата утаеност.
велат, била тоа тишината.
сокриена од калфа, мајстори
меѓу соѕидани тули
закопана била длабоко
во девствени бунари .
а стравот чиниш темнина,
а темнината чиниш огледало,
а огледалото измама на стравот.
сето говореше,
сето врескаше
во умората на тишината,
онаму, во пукнатината.
таму,
од пукнатината на ѕидот
соѕидан од калфа, мајстори,
од тули и сув малтер
тропаше и одекнуваше стравот.
Comentários