top of page

ЧЕТИРИ ГОДИНИ „БУКВА“: ЖИВОТОТ СО ПОРАЗВИЕНИ КУЛТУРНИ ИНТЕРЕСИ, ПОЗНАВАЊА И ПОТРЕБИ Е ПОКВАЛИТЕТЕН ЖИВОТ

Writer: Калина КачоровскаКалина Качоровска

Вечерва (31.01) и утре (01.02), кафе-книжарницата „Буква“ го слави својот четврти роденден. Во таа чест, денес членовите од колективот „Гола Планина“ прават џем сесија и пуштаат музика, а утре има свирка на триото Хот џез оркестар.

„Буква“ е светла точка во град кој сѐ повеќе запаѓа во темнина, а нивниот роденден е потсетник дека другарството секогаш победува и дека секогаш има причина за радост. 

Во прилог разговараме со Андреј Јованчевски, еден од основоположниците. 


Во петок и сабота славите четири години постоење. Колку „Буква“ денес е слична со онаа од пред четири години? Дали и што се има сменето? 


Да, деновиве славиме мал јубилеј, четири години од отворањето на „Буква“. Наспроти традиционалното значење на поимот, го нарекувам четвртиот роденден јубиларен токму поради важната симболика на бројот со кој е обележан – во неа се одразени оние квалитети на „Буква“ во кои сега ги гледам промените. Денес овој културен простор е постабилен, неговите редовни процеси се втемелени а нередовните се донекаде предвидливи, неговиот однос со својот круг соработници, со авторите и со публиката има поголема цврстина. Таквата, би рекол, квадратност на состојбата дава извесна слобода просторот да се отвори за нови идеи и за нови луѓе кои дејствуваат во сосема нови насоки, без постојаниот страв дека секоја новост е некаков ризик, и истовремено додава увереност, дури и смелост во она што самите го преземаме во рамките на културната програма. Останатото е исто како на почетокот, и тоа е добро. „Буква“ ја има истата ориентација од своето основање – активна служба на локалната култура – што овозможува нејзиниот карактер да остане непроменет. 



Посебноста на „Буква“, барем во моите очи, е нејзината мултифункционалност: преку ден можеш да дојдеш на пауза од работа, на (полу)формален состанок, на учење, на кафе, на муабет, да си купиш книга, навечер можеш да дојдеш за нешто малку пожестоко од кафе, како на пример за поезија, за проза, за свирка, за диџеј сет, за уметност, за слобода, за флерт, за да се одмориш од долгиот ден или за да се умориш од долгата ноќ. Што ја прави „Буква“ толку лесно прилагодлива - од ненаметливо место за работа и одмор, до жив простор за славење на уметноста и ноќниот живот?


Веројатно тоа е, повторно, отворената насоченост кон служба на културата, што значи служба на луѓето кои создаваат култура, на оние кои таа култура на различни начини ја посредуваат, промовираат и шират, и секако на луѓето кои неа ја примаат, односно на оние кои комуницираат со културата како публика и критика, оние кои уживаат во неа, ја оценуваат нејзината вредност и, во идеален случај, даваат свој одговор кон таа култура, им возвраќаат на авторите – последново е нешто што, кога се случува, ја заокружува целисходноста на културниот процес, во чија служба ние постоиме. На сите фази од процесот им се потребни услови кои ние, според мерката на нашите можности, ги обезбедуваме. На културата ѝ треба и сцена, да, каде што се претставува и, како што убаво велите, каде што се слави уметноста, но потребен е и простор за дијалог, за договарање, за спорење, за учење, за работа, за одмор, за љубов и така натаму. Мислам дека тоа го наоѓаат луѓето што во доаѓаат во различни својства и со различни потреби во „Буква“. Тоа е и смислата на нашиот културен простор.


Соопштението за роденденот го завршувате велејќи: „Така како што единствено може да биде — природно, искрено и верно.“ Во море на шминкерај, нешто што е толку многу карактеристично за скопската сцена во последните години, „Буква“ останува природна, искрена и верна. Како успевате да ѝ се спротиставите на претенциозноста која толку лесно се наметнува на речиси секое друго место во градот?


Па, едноставно, не се претставуваме како нешто што не сме, а на сите им оставаме простор да бидат тоа што се. Затоа – еве нешто што ми е особено интересно и драго – наши блиски пријатели и редовни гости се луѓе што на сличен или различен начин водат сопствени културни проекти, простори и институции во Скопје. Ние сме нивни искрени другари, гости, ученици, соработници, следбеници, а тие наши. Постои заемно уважување и споделување на резултатите од нашата работа. Се поддржуваме, си помагаме, се советуваме, ја гледаме полезноста од посебното постоење и уживаме во убавината на дружбата и на заемното дејствување. Притоа, не следиме некакви правила на куртоазна трансакција, кои имаат свое место во светот на разните комисии, совети и асоцијации, туку дејствуваме и содејствуваме природно, искрено и верно, како што е кажано. Во таа смисла, „Буква“ не е во конкуренција, туку во конгруенција со другите локални културни актери. Кога е тоа така, се разбира, не останува сериозен простор за подведнати глави или за високо кренати веѓи. 


Колку луѓето што доаѓаат го обликуваат ова место? Дали и колку атмосферата се менува во однос на публиката?


Во најголема можна мера. Ако исклучиме некои неизбежни материјални параметри што ги наложуваат правилата и дневните потреби на самиот простор, обликот на „Буква“, она за што прашувате, го задаваат луѓето кои доаѓаат овде како гости и особено оние кои се претставуваат и дејствуваат како автори. Голем дел од програмата се формира во содејство со широкиот круг наши пријатели и соработници од сите области на културата. Овој круг постојано се шири и неговите внатрешни врски и односи стануваат покомплексни, подлабоки, поквалитетни. И тоа беше една од водечките идеи при основањето на „Буква“ – квалитетно да се зголеми локалниот пресек на различните домени на културата, авторите и публиката во нив да се измешаат, да се поврзат, да ги рашират своите познанства и познавања. Тоа е нашиот влог во моделот – ние обезбедуваме платформа за новата култура да живее и да се развива во овој пресек. А самиот модел се обликува во целосна согласност со потребите и замислите на оние што стојат зад културната програма на „Буква“. Се разбира, постојат одредени базични принципи врз кои почива овој модел на здружување и тие се поврзани со карактерот на културата што има свој дом во „Буква“. Еден бегол поглед во кој било дел од нашата програма дава јасна претстава за тој карактер.



За жал, Скопје и силите кои управуваат со него имаат навика да уништуваат места со културна мисија и со посебен дух. За среќа, „Буква“ не е едно од тие места, туку напротив, токму во отсуство на истите, таа прераснува во нов културен центар во градот, каде речиси секој ден од годината може да се отиде на настан. Во услови како овие, колку е тешко да се опстои како простор кој шири уметност и заедништво?


Не е едноставно да се функционира во средина на ниско развиени културни потреби. И овде поголем проблем од квалитетната развиеност на потребите е неверојатно нискиот обем што културата го зазема во личните интереси на нашиот граѓанин. Затоа, проблемот со односот на институциите, или – како што ги нарекувате – градските сили, е една логична надградба на реалните состојби. Тешко може да очекуваме инфраструктура и политики кои се сериозно насочени кон служба на културата кога таа има толку безначајно место во личниот животот на граѓаните. Ние со нашата работа се обидуваме на директен начин да ги зголемиме, развиеме и задоволиме тие интереси и потреби. Со сите свои скромни ресурси, без поддршка од јавните институции, се обидуваме да покажеме во практика нешто што е битна вистина – дека животот со поразвиени културни интереси, познавања и потреби е поквалитетен живот, значително поквалитетен. На еден истовремено едноставен и сложен начин културата во нашиот живот ја продлабочува смислата на нашите меѓучовечки односи, ги прави поделикатни и побогати нашите врски, го повишува нашето разбирање, нашата одговорност и нашата договороспособност, а бездруго влијае суштествено и врз начинот на кој се приврзуваме, сакаме и заедно гледаме кон хоризонтот. Знаејќи преку сопствениот опит колку е ова важно, ги наоѓаме неопходните сили за да постоиме како простор на културата во нашите неповолни услови. 


Каков е планот за наредните четири години?


Да опстоиме како простор и состав, да опфатиме нови форми на авторски израз во програмата и во изложбениот простор (веќе во првата половина од оваа година ќе видите новости), да откриеме двојно повеќе пријатели од редот на авторите и публиката, значително да го засилиме критичкиот и творечкиот контакт меѓу нив. Ете, четири едноставни точки на агендата за следнава четирилетка.



 

*фотографиите се преземени од facebook профилот на Буква

Comments


bottom of page