top of page
Writer's pictureКултура β

Бојан Петковски: Дали е жив култот кон „environmental protection“?

Има ли комплементарност меѓу „култ“ и „environmental protection“?

Во еден „прост“, „неписмен“, „без светоглед“, „во затворен свет“ народ, се содржи сета наша, сега во најголема мера, популистичка „environmental protection“.


Фотографија од обредно дејствие практикувано во крајот на XIX па сè до доцните години на XX век, сега во околина на нашата метропола (дискутабилен термин), тогаш означени како села во Скопска Блатија (блато-кал). Обредот се изведува на христијанскиот празник Ѓурѓовден, со статичен датум 6 мај. Религискиот аспект на празникот единствено се манифестира со одење во свет храм – црква. Што манифестираат другите обреди? Кон кој култ се изведуваат? Дали обредите за Ѓурѓовден се обреди за „environmental protection“?


КОН ОБРЕДОТ


На Ѓурѓовден за првпат се „заматува млекото“. Станува збор за процес на преработка на млеко со цел добивање производ сличен на денешниот јогурт. Млекото се меша во специјално изработен „бутим“, тесен и висок дрвен сад. При изведба на овој обред, на „бутимот“ се аплицираат различни растенија коишто во локалната терминологија се означени како „ѓурѓовденски билки“. Обредното замешување на млекото го изведува женско лице од семејството. Таа, исто така, аплицира растенија на себеси (разгледај фотографии). При изведба на обредот на главата става леб. Обредот се состои од мешање на млекото при што жената трипати се движи околу „бутимот“.


На самиот почеток јасно може да видиме дека се елиминирани христијански сегменти во овој обред. Маркираните сегменти може да ги детерминираме како директни и индиректни. Директни сегменти се: растенија, млеко и леб. Индиректни сегменти се: животни (од кои е добиено млекото) и почва (од која е добиено жито од кое се изработува леб). Следствено на ова, јасно може да увидиме дека обредот е генерално посветен на три сегмента од сега веќе популарната „environmental protection“, односно: почва, растенија и животни. Изведувајќи специјални дејствија со кои ќе дадат внимание на овие сегменти, а сето тоа со главна желба за добра состојба на родот, може да се утврди силно изразен култ кон овие сегменти. Нивниот светоглед главно базиран на нешта кои ќе им овозможат живот, оди дотаму што им се препишуваат својства на култови, се прославуваат, се изведуваат обредни дејствија во нивна чест, но најважно е што се зачувуваат.



ПОЧВА


Почвата во колективната свест на луѓето од XIX век е единствениот простор на кој може да има посеви од кој подоцна ќе го добијат основниот производ за исхрана – лебот. Во еден обред можеме да видиме двојствен култ кон основниот супстрат – почвата. Следејќи вертикала, од една страна е боса и е во директен контакт со земјата, од друга страна на главата има поставено леб кој се добива од посеви на почвата. Нивниот комплементарен однос со почвата можеме да го утврдиме дотолку преку фактот што тие се движат боси во текот на денот. И додека во XXI век сме сосем физички одвоени од земјата, избегнувајќи го допирот со неа преку носење обувки, тие во целост се комплементарни со почвата и ја чувствуваат за нешто блиско, а не за нешто нечисто од кое треба да се заштитат, носејќи обувки. Лебот, пак, е поставен на „највисока позиција“, на главата, што укажува за важното место кое му се придава како основен продукт за исхрана.




РАСТЕНИЈА


Растенијата се особено застапени во сите обреди од пролетниот циклус. Следствено на претходниот, зимски циклус, во кој целата природа е замрена, повторното раѓање на природата кај луѓето создава потреба од прославување, преку употреба на растенија во обредите. На растенијата им се препишуваат мистични моќи, моќи за превентива од несакани појави. Оттука, тие сметаат дека аплицирање на растенија на своето тело ќе им донесе здравје додека, пак, ставајќи растенија околу „бутимот“ ќе овозможат добар продукт, во конкретниот случај млеко.




ЖИВОТНИ


Производите кои се добиваат од животните во XIX век претставувале фундаментални извори за исхрана. Оттука со особен пиетет се однесуваат кон животните, грижејќи се за нивната состојба. Во пролетните обреди дел од дејствијата директно вклучуваат животни, а дел се однесуваат кон производот кој се добива од нив.







Иако како научник и уметник од областа на традиционалната култура се воодушевувам од севкупната материјална и духовна култура на нашите предци

од XIX век, мојот одговор на претходните две прашање ќе биде изречно НЕ. Тоа што треба ние да го направиме е да го следиме ОНТОЛОШКОТО ЗНАЧЕЊЕ НА ОВИЕ ОБРЕДИ. Плашејќи се да не го изгубат тоа што е основа за нивен опстанок, луѓето се однесувале со посебна грижа кон него. Ние не треба да се вратиме во свеста на XIX век во смисла на применување облековна структура од тој период, а најмалку на изведување на обредни дејствија. Но, од особена важност е да се вратиме со свеста што е клучно за нашиот опстанок на планетата Земја. А, тоа се основните живи и неживи сегменти на животната средина, односно водата, воздухот, почвата и биосферата од една страна и животните и растенијата од друга страна. Колку и да звучи ограничено, само со гледање со страв од губење на овие основни сегменти за наш опстанок, онака како што гледале тие, ќе успееме да ги заштитиме во целост. И конечно, ние не треба да се облечеме во носија (како нашите предци), но и тоа како треба да ја штитиме животната средина (како нашите предци).


 

Текст: Бојан Петковски // Јазична редакција: Моника Матовска // Фотографија: Бојан Петрушевски - Creative Photography MK // Уметник на фотографија: Симона Китановска


Comentarios


bottom of page