(ЧУ)РИЛКА / (ЧУ)РИЛО
Вид збор: именка, женски / среден род
Значење:
1. рилка
2. муцка (од свиња)
3. усни
Потекло:
Во десет населени места на македонската дијалектна територија се среќаваат називи од типот (чу)рилка, (чу)рило. Карактеристични се за централна и северозападна Македонија.
Називите од овој тип се поврзуваат со прасл. Глагол *ryti со значење ‘копа, рие’, т. е. водат потекло од прасловенската основа *ry- (Skok III, 1973: 148).
Паралели на прасл. *ryti се регистрирани и во балтичките јазици – литв. ráuti
‘вади (од корен), кине, влече, копа’, латв. raût ‘кине, извлекува’, како и во други индоевропски јазици, стисл. rýja ‘кине, кубе (волна)’, лат. ruō, ruere ‘паѓа, пропаѓа, фрла’ (Boryś 2005: 529).
Називи, изведени од истата прасловенска основа, се распространети речиси на целата словенска територија, според материјалите на ОЛА.
(Од лингвистичкиот атлас на македонските дијалекти според материјалите на општословенскиот лингвистички атлас – ОЛА)
Comments