top of page
Writer's pictureКалина Качоровска

Бета-муабет за отворањето на летната сцена на МНТ „Славиша Кајевски“: Летната сцена ќе биде поттик за размислување и отворање на нови видици на еден нов културен свет

Оваа недела на 17-ти септември со изведбата на претставата „Црнила ремикс“ беше отворена новата летна сцена на Македонскиот народен театар „Славиша Кајевски“. По тој повод разговараме со Мила Анѓелковиќ, ПР на МНТ. 


Како се роди идејата за отворањето на летната сцена? Кажете ни нешто повеќе за процесот на создавање на концептот, а потоа и на програмата на „Славиша Кајевски“?


Идејата за отворањето на летната сцена „Славиша Кајевски“ се роди непосредно неколку дена по назначувањето на в.д. директорот Никола Кимовски, поточно во месец јули 2024 година. Иако имавме краток временски период да успееме да го реализираме овој голем проект, кој концепциски започна од 17-ти септември и предвидено е да заврши на 2-ри октомври, МНТ ги направи сите организациски и технички напори да дојде до главната цел. И покрај тоа што во месец август целиот колектив беше на колективен одмор, по одморот се работеше деноноќно. Програмата започна со рап перформансот „Црнила Ремикс“ – урбано читање на текстот на Коле Чашуле. Понатаму следат неколку театарски претстави и музички настапи.


Како оваа сцена се разликува од останатите сцени на Македонскиот народен театар? 


Не можеме да направиме некоја посебна разлика на летната сцена и да ја издвоиме од големата и малата сцена во МНТ, освен дека се разликува во однос на просторот кој може да се користи во потопли временски услови. Во сѐ останато трите сцени ги задоволуваат сите потреби за изведба на секој настан.


Зошто оваа сцена му е потребна на МНТ, на Скопје? Како го замислувате нејзиниот придонес за културата во градот? 


Таа ѝ е потребна и на публиката и на театарот. Желбата на публиката е до театарот да биде што поблиску, а нас како најголема театарска куќа во земјата посебно нѐ радува и тоа го овозможуваме со пристапност од 12 месеци култура.


За тоа колку денешната младина се интересира за театар може да се дискутира на долго и на широко. Веројатно најголем дел од луѓето би рекле дека кај младите постои индиферентност кон театарот како уметничка форма, но постојат и луѓе кои силно веруваат дека во последните години работите се менуваат и новите генерации не се толку пасивни и апатични колку што мислиме дека се и дека сепак, кај нив постои страст и љубов за уметноста, вклучувајќи го и театарот. Нашето здружение себеси се сместува во втората група, во оптимистите дека не е сѐ толку лошо колку што изгледа. Колку е МНТ посетуван од млади и дали и како отворањето на летната сцена ќе го смени тоа?


Младата публика отсекогаш била редовен посетител на МНТ, а со програмата на летната сцена очекуваме таа бројка да се зголеми. На сцената на МНТ секогаш им се овозможувал простор и им се давала посебна шанса и на младите уметници/актери. Тоа го покажува и изведбата на дипломската претстава „Сакатиот од Инишман“ од Мартин Мекдона, а во изведба на студентите од Факултетот за Драмски Уметности - Скопје (со кој е потпишан и меморандум за соработка). За оваа дипломска изведба на средношколците и студентите им е овозможен слободен влез. 


Некогаш ми се случува да гледам една иста театарска претстава на две или повеќе различни сцени и иако содржината, репликите, движењата се исти, не можам да кажам дека изведбата е иста, затоа што сметам дека просторот каде се изведува едно дело влијае врз начинот на кој тоа се интерпретира од страна на актерите, но и од страна на публиката. Дали мислите дека летната сцена ќе даде нов живот на претставите кои претходно биле играни на други места и во друг амбиент?


Театарот е жива материја. Ниту една претстава и да се одигра на иста или различна сцена, секогаш е поинаква. Актерите како живи битија играат пред публиката и енергијата зависи од многу фактори.


Како што и самите велите во најавите за отворањето, прераната загуба на вашиот колега Славиша Кајевски, во чија чест е именувана оваа сцена, остави голема лузна за сите. Како новата летна сцена ќе го слави наследството на Славиша и на кој начин неговиот дух ќе продолжи да живее преку неа? 


Нашиот колега, пред сѐ голем пријател, отсекогаш мечтаеше за отворање на ваква сцена, секогаш зборуваше дека на МНТ му е потребно урбано место, каде ќе се собираат младата, но и повозрасната публика, место кое ќе понуди нешто поразлично од вообичаеното, место каде луѓето ќе разговараат за уметноста, музиката и театарот, секако и по некоја пијачка за опуштање во еден убав амбиентален простор. Токму така, во стилот на Славиша ќе продолжи да живее неговиот дух и на оваа сцена.


Оваа сезона на летната сцена се отвора на 17-ти септември со изведбата на „Црнила Ремикс“, а се затвора на 2-ри октомври со концерт на Архангел. Што после тоа? Која и каква е иднината на „Славиша Кајевски“?


Македонскиот народен театар дава голем придонес во креирањето на новата програма за следната сезона. Летната сцена ќе биде поттик за размислување и отворање на нови видици на еден нов културен свет.



Comments


bottom of page