Годинава од 27. до 31. август во планинското село Вртешка близу Штип се одржува ново издание на интердициплинарните активности „Вртешка“. По тој повод разговараме со организаторите на „Вртешка“, театарскиот режисер Дамјан Читкушев и фотографката Тамара Малкоска.
На програмата на годинешното издание може да се проследат изложби, концерти, филмови, претстави. Под насловот „Изложба на изложби“ публиката ќе може да ги погледне делата на Стефан Младеновски, Анастасија Саздовска, Ана Тодорова, потоа претставите „Бекет - звукот на стапките“ и „Пингвинот“, настанот „Зборообразување“, работилници за театар и фотографија, десетина филмови и музички концерти на Мојра, Калата и Ади Имери и Александар Бошков.
Од 27. до 31. август се одржува ново издание на интердисциплинарните активности „Вртешка“ – која е приказната зад овој настан?
Дамјан: Еден убав ден се сретнавме со Тамара и заклучивме дека постои потреба од простор во кој младите луѓе како нас ќе создаваат, ќе споделуваат, и ќе дискутираат за своите искуства и уметнички пракси. Потребата за неформално образование решивме да ја задоволиме преку креирање на простор од ваков вид кој отвора можност за професионалците од различни уметнички области да се обединат во повеќедневна уметничка резиденција.
Тамара: За време на студентските денови често се собиравме надвор од факултетот и нашите неформални дружби спонтано прераснуваа во некој тип креативна лабораторија која без исклучок имаше интердисциплинарен карактер. Препознавањето на потребата на самата композиција значеше овие дружби да ги формализираме во ваква резиденција во која креативната мисла ќе тече слободно и птичките ќе пеат.
Најавувате многу активности – театар, работилници, концерти, изложби, кино – што сѐ опфаќа овогодинешната програма?
Дамјан: Имаме 10 креативни зони распоредени низ прекрасната природа на планината Плачковица, околу домот и селото. Програмата ја креираме низ окото на набљудувачот, авторот е призма. Еманципираниот гледач оваа година при самото пристигање ќе добие мапа од активностите, која го води до откривање на делата.
Изложба на изложби, звукот од шумата, перформанс низ планина, кино проекции, лаборатории, утринските активности и дружби му овозможуваат на гледачот и самите учесници, да контемплираат, да бидат присутни и да си дозволат да сонуваат.
Каква приказна се крие зад селото Вртешка, зошто токму тоа е локацијата за овие активности?
Тамара: Приказната зад локацијата е тоа што Дамјан како дете поминал многу време во Планинарскиот дом Вртешка, а посебноста на селото е во тоа што се крие зад самиот двор на планинарскиот дом. Затоа тука имаме голема поддршка од страна на планинарите од домот, без која не би ги имале сите услови.
Селото е комплетно напуштено, но сите куќи и елементи од животот таму кои останале да постојат се многу инспиративни. Ние решивме дека ќе го оживееме на начин што ќе го претвориме во перформативен простор.
Каков е досегашниот фидбек за вашата организација и активностите кои ги организирате?
Дамјан: Фидбекот најмногу го гледаме преку тоа колку сериозно учесниците ја разбираат нашата иницијатива. Преку овој настан ни се докажува дека дружбата меѓу уметниците не останува само на разговор и идеја, туку трета година по ред создаваме приказни и дела кои имаат смисла.
Каква е институциолната поддршка на вашиот настан?
Домот на млади – Штип и Планинарскиот дом Вртешка се нашата најголема поддршка досега. Министерството за култура го поддржува настанот од првото издание. А од оваа година покрај институциите, нашата идеја почнаа да ја препознаваат и компании како Скопско Смут, Виталија, Кожувчанка, итн.
Колку луѓе стоите зад организацијата на настанот, со што се занимавате покрај ова?
Дамјан: Некои стојат, некои само лежат на lazy bags, но секој од нив придонесува со тоа што го става својот креативен капацитет на располагање и сме среќни што бројката на такви убави луѓе расте.
Каков е вашиот впечаток за моменталната состојба на независната, алтернтивна културна сцена во Македонија?
Дамјан: Мислам дека е неопходно да се поставува прашањето што сѐ тоа може да биде и што сѐ тоа може да значи. Во најширока смисла, важно е работите да се ставаат под знак прашање. Независната сцена секогаш низ историјата, па и денес, има задача да создава притисок на институционализираната култура и со тоа да го подига нивото. Препознавањето на ваквите форми секогаш значи свежина. Тоа што го сведочиме тука ни зборува дека бранот постои и промените се случуваат.
Comments