top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Бета-муабет со тимот на Flipbook: Омнибусот „Небиднина“ е прифатен прилично добро, но, евидентно е отсуството на филмската критика

По повод проекцијата на омнибусот „Небиднина“ на 23. издание на фестивалот на европски филм Cinedays, но и најавата за новото издание на фестивалот на анимиран филм Flipbook Film Festival, како и наградата од фестивалот „Анимаком“ за „Небиднина“ и издавачката дејност на Flipbook Books, разговараме со Жарко Иванов, Дарин Ангеловски, Крсте Господиновски, Владимир Лукаш и Иван Ивановски. 


 
Омнибусот „Небиднина“ е прифатен прилично добро – според импресиите од публиката, но, евидентно е отсуството на филмската критика, особено кога станува збор за анимиран филм
 


Во рамки на 23. Синедејс, омнибусот „Небиднина“  доживува уште една проекција пред македонската публика. До сега, какви се импресиите на публиката од вашите филмови, каков фидбек добивате? 


Владимир Лукаш: Омнибусот „Небиднина“ е прифатен прилично добро – според импресиите од публиката, но, евидентно е отсуството на филмската критика, особено кога станува збор за анимиран филм. Од друга страна, со по еден до два (кратки) анимирани филмови годишно и не може да се развие цврста сцена, ниту авторска, ниту критичарска. Анимираниот филм, барем според буџетирањето, е третиран помалку сериозно од играниот филм, пред сè поради неупатеноста во процесот и времето што е вложено за реализација. Но, сцената се создава полека, тивко и многу сигурно. Flipbook Film Festival е од исклучителна важност, меѓу другото и затоа што публиката, како и професионалните филмски работници, имаат шанса да се запознаат со најновата европска продукција и да поразговараат со присутните автори за време на четирите фестивалски дена.


На фестивалот „Анимаком“ во Билбао, „Небиднина“ ја доби наградата за најиноватен анимиран филм – што за вас значи оваа награда, како беше вашиот филм прифатен пред странската публика? 


 
Посебено горди нѐ прави тоа што наградата е за најиновативна техника, потврдувајќи дека колку и да малкубројна, сепак,  Македонија има силна анимациска сцена. И навистина, овој филм покажа низа импресивни техники...
 

Крсте Господиновски: Наградата во Билбао за нас претставува вистинска потврда дека нашиот макотрпен  и долгогодишен труд не е залуден, особено фактот што оваа награда доаѓа на самиот почеток на фестивалското претставување на проектот, на меѓународната премиера на престижниот фестивал за анимиран филм, „Анимаком“ – Билбао. Посебено горди нѐ прави тоа што наградата е за најиновативна техника, потврдувајќи дека колку и да малкубројна, сепак,  Македонија има силна анимациска сцена. И навистина, овој филм покажа низа импресивни техники, почнувајки со занемувачки рачно цртани и анимирани MRI снимки, преку експресивна колажно акварелна техника, експериментална куклено-цртана техника, и за крај стоп моушн/тајм лепс техника во која куклите изработени од органски материјали се распаѓаат во процесот на анимирање, сите допирајќи ги крајните длабочини на големиот Ацо Шопов.



Минатата година Флипбук издаде и книжевно-графичко издание од „Небиднина“, колкав е предизвикот поезија да се преточи во анимација, во цртеж, во графика? 


Дарин Ангеловски: Да, минатата година проектот „Небиднина“ инспириран од поезијата на Ацо Шопов доживеа и книжевно-графичко издание. Предизвикот е голем не само според новоста што ја донесува нафатот да се осмислува графичка адаптација или визуелна трансформација на поетско дело кај нас, туку и според начинот како да се изведе таа. Нашата идеја беше да се одбележи јубилејот 100-годишнината од раѓањето на големиот македонски поет Ацо Шопов и преку книжевно издание кое има за цел да го осмислува неговото творештво како нешто што е подложно на нови контекстуализации, визуелни и графички адаптации и рекреации. Очекувавме графичките дела на Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски со својот иновативен израз да го возобноват интересот за Шопов и за поезијата воопшто, особено кај младата публика. Но изданието го привлече вниманието и на возрасните, а особено радуваат одгласите на фелата која го согледува овој книжевно-графички омнибус во конвенциите на Бук-aртот и како графичка новела и како графичка песнарка.



Повеќе за
книгата
прочитајте


Наскоро ќе се случи и новото издание на фестивалот Flipbook Film Festival, што најавувате за годинешното издание? 


 
Покрај проекциите на над 100 филмови во главната, студентската, анимиран докуметарец, селекцијата на анимирани музички видеа и европската панорама, ќе бидат реализирани и неколку работилници за производство на анимиран филм и флип-бук, а ќе бидат промовирани и книги...
 

Жарко Иванов: Петтото издание на Флипбук Филм Фестивал ќе биде отворено со специјална филмска програма „WTF“ од најголемиот фестивал во светот за анимиран филм „Annecy“ и претставено од кураторите на програмата Гала Фрекон (која ќе биде и член на овогодинешното жири) и Себастијан Сперер. Покрај проекциите на над 100 филмови во главната, студентската, анимиран докуметарец, селекцијата на анимирани музички видеа и европската панорама, ќе бидат реализирани и неколку работилници за производство на анимиран филм и флип-бук, а ќе бидат промовирани и книгите „Predavanja o filmskom modernizmu“ на историчарот на филм и професор на загрепскиот универзитет Никица Гилиќ, кој ќе биде дел од жирито, книгата „Michael Dudok de Wit: A life in Animation“, издание на Ратлиџ од авторката Андријана Ружиќ, дел од овогодинешното жири, двојазичниот роман „Евацид“, придружен со изложба, на нашиот писател и визуелен уметник Никола Радуловиќ, минатогодишниот добитник на наградата за најдобар анимиран спот и овогодишен член на жири и книгата со карикатури на доајенот на македонската карикатура и анимација Тоде Ристо Блажевски, исто така придружена со изложба. Во жирито годинава членови ќе бидат и филмскиот критичар Влатко Галевски и режисерката Ана Опачиќ. Ве очекуваме во Кинотеката на Македонија од 8. до 11. август.



Колку е развиен анимираниот филм и, генерално, работата со анимација во Македонија? 


Иван Ивановски: Историски гледано анимираниот филм во Македонија има подеми и падови. Во последните 10-15 години имаме континуирана продукција што е предуслов за развој. Градиме сцена, постои ентузијазам кај авторите и кај публиката. Имаме потенцијал и добро обучен кадар спремен да работи на највисоко ниво. Постои желба, храброст и мислам дека ќе бидеме пријатно изненадени на следните „Флипбук“ фестивали со нови македонски авторски анимирани филмови.



Comments


bottom of page