The Oоz се ноиз-рок, постпанк бенд кој се држи до креирање инструментална музика. Членови на бендот се Петар Марковиќ (гитара), Марко Вилиќ (гитара), Андреј Игњатовски (бас-гитара) и Симон Палитов (тапани). До сега имаат извадено едно EP насловено "Sub Human", а моментално работат на нивниот прв албум. Во продолжение разговараме за нивните почетоци, фидбекот од публиката, настапите.

The Oоz е релативно нов бенд на музичката сцена, кога би требало да се претставите кои се The Oоz, каков бенд сте, што свирите?
The Oоz: Авантурата ја почнавме уште во 2022, и од тогаш се претставуваме како гласен бенд. „Не знаеме да свириме, само сме гласни“ ни е мотото на секоја свирка. Целиме да ја преформулираме монотонијата и галамата на секојдневието во една звучна форма, која исто како и секојдневието, не е секогаш пријатна ама е искрена. Правиме комбинација на ноиз-рок, пост панк и психоделичен ноиз; и се држиме до инструментални траки без текст
Каде и кога ги лоцирате вашите почетоци како музичари?
Петар: Почетокот ми е земање бас-гитара и учење песни од White Snake.
Симон: Почетоците ми беа со старото пијано на мајка ми кога бев 6 години, но љубовта кон тапаните ми се разбуди додека бев во средно.
Вашето прво ЕP “Sub Human” излезе околу средината на мај во 2023 година, каков е впечатокот од оние кои го слушнале ЕР-то, каков фидбек добивате?
The Oоz: Првото EP остави пријатен впечаток кај тие што го слушнале, погрубиот звук беше неочекуван за некои од нив. Чувме и позитивни коментари, но и критики (некои конструктивни, некои не). Со оглед на тоа што се снимавме сами по дома, а тапаните беа дигитално искомпонирани, се чуствуваше тој звук на семплови.
Последниве години на домашната музичка сцена се појави еден нов, многу жив, раздвижен и млад бран, дали се чувствувате дел од тој нов бран и како гледате на оваа појава?
The Oоz: И да и не. Имаме поразличен пристап до тоа што го правиме сонично, бидејкји се задржуваме на инструментални траки и не користиме текст и вокали. Но се приметуваат сличните инспирации со другите бендови. Многу сме среќни за моменталното движење и желба за ваква музика поради тоа што конечно се чувствуваме како да можеме креативно да припаѓаме.
Синестетика, Д-фест, Земјотрес, Под земја полесно се дише се само дел од фестивалите и настаните во чии рамки досега имате настапено – како се чувствуваат The Oоz на сцена, какви реакции има публиката која во живо е пред вас?
The Oоz: На почетокот бевме доста анксиозни за тоа како звучиме и како ќе нѐ перцепира публиката, но со текот на времето сфативме дека што повеќе ни е нас забавно на сцена, толку е подобро за публиката. Во главно публиката реагира позитивно на нас, но понекогаш сме прегласни за некои луѓе, што е сосема фер!
Дали моментално работите на нешто ново, ЕР или албум?
The Oоz: Моментално сме во финализирање на нашиот прв албум, за чие име сакаме да молчиме сѐ додека не дојде соодветиот момент за најава. Но, можете да очекувате некоја најава многу наскоро.
Comments