top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Бета-муабет со Филип Димевски од „АртАреа“

Овој викенд (20. до 22. септември 2024) во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи 8. издание на мултимедијалниот фестивал „АртАреа“ во организација на издавачката куќа „Бегемот“, а во рамки на програмата публиката ќе може да проследи неколку промоции на книги, два музички настани, проекција на филм, разговори... По тој повод разговарам со Филип Димески, главниот уредник на издавачката куќа „Бегемот“ и организатор на фестивалот.


За овие 8 години, што значи фестивалот за тебе како организатор, но и за книжевната и културната сцена и во која насока се разви(ва) овој фестивал?


Филип: За мене „АртАреа“ претставува културно дете што сум го растел низ годините, но исто така и јас сум растел и сум се надградувал со него. Фестивалите од ваков формат даваат непроценлива можност за подлабок увид во домашната културна сцена. Пред сѐ во онаа секојдневна културна сцена, или начин на живот, да речеме. Даваат единствена можност да се запознаат културотворци и млади креативци на кои не им е лесно да се истакнат на друго место. Низ годиниве запознавме голем број креативни луѓе и тоа е доказ дека културата е жива, колку и да нема или да има слаба поддршка од државата. Едноставно, младите креативни луѓе не ја ставаат својата креативност во корелација со државната поддршка или каква било друга. Тука треба да им излезат пресрет фестивалите од овој формат. Во некои случаи е и обратното, кога нема поддршка креативноста кај младите е најголема. Тоа е само еден сегмент што би сакале да го поттикнеме – да бидат активни чинители во културата. Не знам дали и во која мера сме успеале во тоа, но, секако, имаме чувство дека дадовме поттик кај некои млади луѓе да продолжат со својот интерес. Исто така, имаме чувство дека се создава „критична маса“ на културотворци од најмладата генерација, која полека продолжува со некои активности што ги започнавме ние и нашите постари колеги, како и даваат свој автентичен белег во културата – тоа е нешто што сакавме да го постигнеме и исклучително нѐ радува!  


Најавени се промоции на книги на домашни и странски автори, свирка, филм, изложба. Што ќе може да се види на годинешното издание на „АртАреа“?


Филип: На годинешново издание на фестивалот најавивме шест промоции на книжевни дела, два музички настапа, од кои едниот ќе биде свирка во живо, а другиот ди-џеј сет, краток документарен филм и изложба на фотографии. Интересно е тоа дека книгите што ќе ги промовираме се од комплетно различни книжевни контексти, па така, ќе имаме промоција на книжевно-теориско дело од двајца автори („Градоначалникот на Хипнополис“ од Лидија Капушевска-Дракулевска и Владимир Мартиновски), на роман („Земја без самрак“), за чија промоција ќе ни гостува авторката од Хрватска Марија Андријашевиќ, збирка раскази („Зентрифуга“ од Иван Шопов), во чиј склоп освен флеш-фикција има и зен-пародии, потоа илустрирана поема за деца со наслов „Најмалиот џин Џуџо и најголемото џуџе Џино“ од Николина Андова Шопова, авторка на текстот, и Наталија Лукомска, авторка на илустрациите. Потоа ќе промовираме дело од веќе книжевен класик од дваесеттиот век („Маскарада“ од Витолд Гомбрович), којашто ќе ја проследиме со краток документарен филм за тој автор по разговорот, па дури ќе промовираме и книга што имаме мала мака да ја определиме жанровски („Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски), бидејќи делото се колеба помеѓу расказот, романот, па дури и мемоарските записи. Исто така, многу ни е важно на „АртАреа“ секогаш да имаме одлична музика, па така оваа година за тоа ќе се погрижи џез триото Филип Букршлиев, Благојче Томевски и Дориан Јовановиќ, како и Шурбе. А во текот на трите фестивалски денови ќе имаме можност да ја видиме одличната изложба на фотографии „Траги на времето“ од фотографката Наташа Гелева Лени. 


Во програмата најавивте и одбележување на 120 години од раѓањето на големиот полски автор Витолд Гомбрович. Што е планирано по повод оваа годишнина?


Филип: Годинава се погодува 120-годишнината од раѓањето на Витолд Гомбрович, меѓутоа тоа не е единствениот повод, некако повеќе коцки се наредија. Имено, се погодува и со изданието што го објавивме непосредно пред фестивалот, всушност, да го комплетираме скоро целиот негов опус на македонски јазик, или барем најзначајниот дел од неговиот опус. Ќе имаме прилика да поразговараме за неговиот живот (нели, роденден му е ☺), како и за најновото издание што ние го нарековме „Маскарада“. Станува збор за уникатно „омнибус“ издание, односно издание по наша желба, колку што ни е познато единствено во светски рамки, кое ги содржи сите 5 белетристички дела на Гомбрович („Бакакај“, „Фердидурке“, „Транс-Атлантик“, „Порнографија“ и „Космос“), освен романот „Проколнати“, кој Гомбрович за време на животот го објавил под псевдоним. По разговорот, ќе проследиме и краток документарен филм за животот и делото на овој автор.    


Какво е препознавањето на „АртАреа“ од страна на државните институции што се одговорни за култура? Колку ја имате нивната поддршка?


Филип: Неблагодарно би било да речам дека немаме никаква поддршка за одржување на фестивалот. Некаква поддршка континуирано постои. Оваа година за првпат во поддршката учествува во одреден дел и преведувачката мрежа Традуки, Министерството за култура исто така учествува со свој, иако многу мал придонес. Сепак, општо земено, книжевните фестивали се поддржувани со недоволна финансиска поддршка, како институциите да забораваат дека тоа се настани од културата и кои не генерираат профит, а се од суштинско значење за секојдневната, жива култура. Поддршката главно се ограничува само на неопходниот минимум за да се одржи фестивалот, притоа, се разбира, никогаш не е доволна за да се одржи сето тоа како што е првично замислено, односно, мора да се адаптираме на поддршката, а тоа подразбира и компромиси. Често го нагласувам тоа дека културната сцена во Скопје не заостанува многу од онаа во другите европски градови по содржина, концепт, страст и енергија туку заостанува финансиски, па оттука и послабата реализација и организација на повеќето културни настани. Институциите едноставно мора да ги отворат повеќе очите за тоа што се случува пред нив во моментов, одамна не било толку живо во многу погледи.     


Фестивалот ќе се случи во кафе-книжарницата „Буква“, зошто е избран овој неформален и независен културен центар за место за „АртАреа“? Колку е важна за тебе меѓусебната поддршка на независната културна сцена? 


Филип: „Буква“ е нашето омилено и матично место за одржување на настаните со кои се занимаваме. Можеби се сеќавате, јас бев еден од основачите на ова место, па тука се чувствуваме како дома. Но тоа не е единствениот аргумент. „Буква“ е по замисла место на пресек на културните настани, таа е идејно и хронолошки произлезена од фестивалот „АртАреа“. Имено, фестивалот претходно се одржуваше во веќе покојното Кино Култура, па во тие први години на одржување си бевме комшии со подоцнежната „Буква“ и кроевме планови да отвориме место каде што ќе можеме секојдневно да одржуваме „мала АртАреа“. Ете, се остварија нашите замисли, а „Буква“ ја исполнува првичната замисла, и повеќе од тоа, тоа е место каде што во текот на овие повеќе од три години функционирање се случија стотици настани од буквално секаков вид и се остварија безброј меѓусекторски соработки. Оттука, меѓусебната поддршка на независната културна сцена е од круцијално значење, замислете да ја нема, особено во ситуација на скоро никаква логистичка поддршка од државна страна. За жал, паметиме и такви мракови.  


Што се крие зад годинешниот визуелен идентитет на „АртАреа“ и кој е одговорен за него? Минатата година фестивалот беше главно посветен на Скопје и 60-годишнината од Земјотресот, која порака ја испраќате оваа година?


Филип: Секоја година инспирација за дизајнот ни е самиот назив на фестивалот и неговиот неформален поднаслов: АртАреа – културна артерија на градот. Во сите досегашни графички решенија пробуваме да ја доловиме заплетканоста на артеријата (градска, творечка, културна) како еден вид живо јадро на урбана средина – јадро што пулсира, татни, виори, го ритмизира просторот и ја шири убавата животна енергија. Притоа, внимаваме густата симболика да ја доловиме со минимум средства. Како и низ годините, и овојпат зад дизајнот стои Наталија Лукомска. 

Во однос на вториот дел од прашањево, делумно го одговорив малку погоре презентирајќи ја шареноликата програма на овогодишниот фестивал. Кога правевме пресек на она што сакаме да го презентираме на фестивалот, увидовме дека имаме на располагање книжевност од сосема различни книжевни контексти, па затоа решивме да се фокусираме на разноликоста на книжевните форми, па оттука ја испраќаме и пораката – една од најголемите вредности на книжевноста е токму тоа дека не постојат ограничувања во темите и формите што ги засега.    



Целосната програма на фестивалот е достапна ТУКА!


Komentarze


bottom of page