Во серија интервјуа ги претставуваме македонските финалисти за музичката награда „Милан Младеновиќ“, а први со нас разговараа членовите на бендот Fiction кои со својата песна „Допир“ влегоа во финалето за наградата. За важноста на оваа награда, фидбекот од публиката, работата на новиот албум и најави за настапи - прочитајте во продолжение!
Со песната „Допир“, Фикшн влезе во потесниот финален избор за наградата Милан Младеновиќ. Што за вас значи оваа награда што го носи името на овој значаен музичар?
Fiction: Пред сѐ самото учество во финалето претставува огромна привилегија за нас. Музиката и текстовите на Милан се наш верен сопатник уште од најраното детство, и, секако, имаат силно влијание врз она што сме денес, и како музичари и како луѓе. Најдраго веројатно ни е тоа што од сите наши песни, токму „Допир" ја доби оваа шанса, бидејќи, некако, барем ние, најмногу можеме да го забележиме тоа влијание од ЕКВ и Милан во неа.
Заедно со вас, меѓу финалистите за наградата „Милан Младеновиќ“ се уште два македонски бенда, Луфтанза и Моира. Во последниве години има големо движење на македонската независна и алтернативна музичка сцена, како гледате на ова и што за вас значи овој нов музички бран кај нас?
Fiction: Секако дека ни е многу мило што покрај нас, уште два македонски бенда се претенденти за оваа награда и повеќе од заслужено. Среќни сме што во последниот период бевме сведоци на тектонски поместувања во македонската алтернативна сцена, резултат на нови млади сили, другарства и фанатична посветеност спрема музиката. Се надеваме дека сите ќе продолжиме да се поддржуваме меѓу себе, како и досега.
Со години сте присутни на сцената во Скопје, како го оценувате фидбекот што го имате од публиката за вашите авторски песни?
Fiction: Задоволни сме и среќни од реакцијата на публиката за нашиот авторски материјал. Tоа е катализаторот што нѐ движи напред, да создаваме и креираме бескомпромино.
Дали моментално работите на некаков поголем проект, подготовка на албум можеби?
Fiction: Да, секако. Некако сметаме дека најдоброто од нас допрва доаѓа. Спремаме албум кој е веќе во завршна фаза, а и интензивно работиме на видеозаписи за песните кои допрва треба да го видат светлото на денот.
Дали имате најавено настапи во блиска иднина?
Fiction: Има многу најави за кои не би сакале да откриваме премногу. Сепак, во моментов наш најдобар пријател е студиото. Секако, едвај чекаме повторно да се видиме од бина.
コメント