Пред неколку дена во етер излезе новата песна на младиот македонски бенд Lost in Reverie насловена како „Letters Never Sent”. Токму по повод излегувањето на песната, како и најавата за слушачката промоција на новиот албум „Flowers for your grave“ на 5.12.2024 во Минус еден со почеток во 21 часот, го правиме овој муабет.
Пред неколку дена излезе вашата нова песна, насловена како „Letters Never Sent”. Каква е рецепцијата на публиката досега?
Рецепцијата е супер, имаме добиено многу поддршка од страна на пријатели како и слушатели на нашата музика. Сепак, оваа песна е многу поразлична од нашата прва песна и јас лично бев доста загрижен дека нема да биде добро прифатена, поради фактот дека е почудна и многу поекспериментална во споредба со првата, но реакциите ми задаваат мислење дека сме направиле точна одлука. За првпат исто така се среќаваме и со хејт коментари на различните платформи, што секогаш е забавно за читање, особено кога се креативни негативните коментари.
Lost in Reverie е нов бенд на македонската сцена. Како сте прифатени од музичката сцена, го најдовте ли своето место?
Нема многу бендови што прават музика што спаѓа во тотално истиот стил како нас и заради таа причина мислам дека и сѐ уште сме во процес на пронаоѓање на тоа место во оваа сцена. Понекогаш се осеќаме како да не сме доволно “heavy” за металците, истовремено и не сме доволно “мелодични” за рокерите, поради што се наоѓаме во некој вид на ‘лимбо’ меѓу жанрови и бендови и не знаеме каде точно припаѓаме. Сепак, можно е и да е премногу рано за да можеме да кажеме конкретно.
Моментално има еден многу активен, нов, млад музички бран. Како гледате на ова културно движење на полето на музиката и дали се чувствувате како дел од тој нов бран?
Културниот бран е неизбежлив и најмоќен што бил во многу години наназад. Тотално инспирирачки е колку многу млади бендови и соло артисти се имаат појавено на македонската сцена во последните 4-5 години. Сите во бендот започнавме како фанови на многуте млади (и постари) бендови на сцената и сме ги гледале на безброј свирки од нивните почетоци. Денес ја имаме приликата многу често и да делиме бина со дел од истите бендови и тоа е прекрасно чувство. Многу од членовите на овие бендови ни имаат давано поддршка, совети, мислења и разни прилики за да си ја унапредиме нашата нова кариера и тоа е неизмерливо значајно за нас. Би сакал да кажам дека се сметаме како дел од тој нов бран на бендови кои се дел од ова културно движење и се надевам дека нашиот бенд ќе додаде малку поразличен стил во сценава кој не е до толку застапен.
„Letters Never Sent” е песна на англиски јазик, зошто на англиски и дали би се обиделе и со музика на македонски јазик?
Нашата одлука да твориме на англиски е произлезена од околностите во кои се наоѓавме при пишувањето на песните. За мене лично, ова е прво искуство кое некогаш сум го имал со творење или пишување. Пред да го направиме овој бенд, јас немав никогаш пишувано поезија, текстови, музика, приказни или што било друго. Никогаш не сум имал искуство со искажување на моите чувства или приказни на поетичен или музикален начин. Единствено искуство што некогаш сум го имал со поетски текстови ми било преку читање на текстови од емо бендови кои сум ги идолизирал цел живот. Бендови кои секогаш ме инспирирале за нивниот стил на пишување и изразување се бендови како My Chemical Romance, Bring Me The Horizon, Pierce The Veil, Underoath, Escape The Fate, The Used, итн. Кога дојде време да пишувам текстови за овој бенд, јас не знаев како да се изразам на македонски затоа што немав никогаш наидено на емо бенд кој пеел на македонски. Оттогаш, се разбира, имам стекнато знаење од МНОГУ прекрасни текстописци и творци на македонската сцена кои ми имаат покажано колку моќни можат да бидат текстовите на македонски јазик. Дефинитивно имаме размислувано за пишување материјал на македонски јазик и се надевам дека наскоро ќе можеме и да извадиме нешто на македонски.
Кои луѓе се дел од бендот, како и кои луѓе стојат зад спотот за вашата нова песна?
Бендот е составен од Давор (вокал), Лука (гитара и пратечи вокал), Тео (гитара), Леа (бас гитара), Иван (тапани) и Сара (менаџер/ креативец). Сара, како наш менаџер, нема удел во музиката (со исклучок на некои пратечки вокали на албумот), но има голем удел во скоро секој друг аспект од креативниот процес на бендот, вклучувајки ја и продукцијата на нашите спотови. Кога доаѓа збор конкретно за спотот на „Letters Never Sent”, идејата за спотот ја разработивме јас и Сара и скоро целиот процес на продукција и организација беше изведен од нас. Сара беше главната режисерка, камерманка и монтажерка на спотот. На денот на снимањето, исто така, имавме и помош од страна на наши драги пријатели Димитар, Филип и Илина.
За крај, каде го гледате вашиот бенд во иднина, на што работите моментално и дали можеби ќе имате некаде настап во скоро време?
Моментално работиме на издавање и реализирање на слушачка промоција на нашиот прв албум наречен „Flowers For Your Grave” кој ќе биде издаден на 5ти декември 2024. Албумот е кулминација на неуморна работа од 2 години и се надеваме дека македонската сцена ќе му даде фер шанса. Освен издавањето на албумот, моментално се спремаме за нашиот настап на Востание 8 во МКЦ, организирано од страна на Diehard Records. Дополнително, се надеваме да најавиме и една официјална свиречка промоција на албумот наскоро.
Comments