top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Април со Lincoln Letter - Интервју

Се враќаме овој понеделник повторно со Lincoln Letter, овојпат со мене се Јаков, Борјан и Јулијан, кои ми раскажаа малку подетално за нивните почетоци, креативниот процес, предизвиците со кои се соочуваат и нивните идни планови како бенд. 

Lincoln Letter на „Земјотрес“, 2024 / фото: Stefan Rajhl

Хана: Lincoln Letter е основан во 2016, а првиот албум „Bedtime Stories“ објавен во 2019. Како ги пројдовте трите години од основање на бендот до објавување на првиот сингл, дали во тие три години бевте фокусирани на албумот или имавте и други ангажмани?


Борјан: Тие три години беа поминати со многу дружба, проби и наоѓање постојан бубњар. Низ сите тие години имаше постојано работа на песните од првиот албум. Иако некогаш можеби и ни се чинеше како да се завлечка процесот, ни беше прво снимање албум и премногу научивме од целото искуство. 


Јаков: Ни требаше време да се дефинира и звучниот и визуелниот идентитет. Знаевме дека сакаме да направиме концептуално дело за какво немавме пример околу нас и цели тефтери беа изнапишани за да се пронајде и разјасни приказната. 


Хана: Вашата музика би ја опишала како светско, а наше, фраза која македонската публика обожава да ја користи и тоа во многу случаи, како и овој, со право. Ме интересира како потенцијалната публика која ја носи Јаков од САД регира на вашата музика. Дали вашето творештво има подеднакво позитивен одзив во странство како и кај нас? 


Јаков: На луѓе им е дефинитивно интересно дека станува збор за „пиратски рок“ или за ‘каубојски’, а не само алтернативен рок како жанр. Испадна погодно што музиката веќе е на англиски, па нема потреба од преводи и веднаш ја разбираат. Омилени реакции ми се кога ќе ги видат некои од спотовите и така за првпат ја гледаат Македонија и се воодушевени дека сме нашле такви локации за снимање. 

Lincoln Letter на „Земјотрес“, 2024 / фото: Stefan Rajhl

Хана: Имав прилика пред неколку години да соработувам со Сајче на музички проект под името „DS Collective“ и од него дознав дека на песни од македонски автори на англиски јазик им е потешко да се протнат во етерот и дека македонски радио-станици одбиваат да пуштаат такви песни. Дали ова претставува проблем за вас земајќи предвид дека вашата музика е на англиски јазик?


Јаков: Постојат тие потешкотии, но кај нас одлуката за јазикот дојде природно и едноставно, според потребите на самата музика. И за вестерн песните и за пиратските имаше доза на автентичност која се добиваше преку англиските текстови, што овозможи да ги раскажеме приказните најдобро што умееме. 


Хана: Зошто баш вестерн музика. Дали тоа беше идеја на конкретен член или сите заедно имавте еден вид на еурека-момент околу тоа што сакате да творите?


Борјан: Иако, секако, идејата за вестерн музика започна од текстовите на Јаков и неговата љубов кон жанрот, идејата за филмска музика некако природно дојде од тоа што јас и Јаков од кога се знаеме од мали гледаме и обожаваме да зборуваме за филмови. Процесот на засакување на вестерн жанрот и правењето на албумот за мене се испреплетени.


Јаков: Темите кои ми се мотаа низ глава одговараа на тој пустински, осамен и брутален свет на вестернските херои, па набрзо, сфативме и дека бунтовништвото на рок звукот одлично се вклопува со отфрлениците на дивиот запад. Во тој период редовно гледав вестерни со дедо ми, а кога тој почина ми стана јасно дека таа вестерн-приказна треба да е во негова чест.

Lincoln Letter на „Земјотрес“, 2024 / фото: Stefan Rajhl

Хана: Како се раѓаат идеите за поединечните песни и како се развива процесот од идеја до завршен продукт? 


Јулијан: Најчесто започнуваме со мотив, риф или текст, кој понатаму заеднички го разработуваме. Претходно тоа повеќе го правевме заедно на проби, а во последно време сѐ повеќе работиме онлајн и во различни поединечни комбинации, пред да донесеме некоаков финален драфт на проба. Обично сме веќе поставени на заедничка тема, уште пред да почнеме со музицирањето, па така, кога ќе започнеме, времето на компонирање на една песна, ни оди прилично течно.


Хана: Како се справувате со тоа што еден од членовите живее во странство? Дали вашите ангажмани ги ориентирате според неговото присуство во Македонија или обратно?


Јулијан: Дефинитивно имаме логистички предизвик. Постајано сме во комуникација и правиме напори да сме физички присутни на сцената колку што можеме повеќе. Но, сепак, предизвик е да ги пратиме настаните кои се случуваат надвор од наша организација, бидејќи сме ограничени на можноста да сме сите заедно слободни за некој настап, додека, пак, за компонирање не ни претставува проблем, функционираме одлично онлајн.

Lincoln Letter на „Земјотрес“, 2024 / фото: Stefan Rajhl

Хана: Кои се вашите идни планови? Дали можеби имате во план некогаш вашата музика да ја однесете во живо во Америка?


Јаков: Знаеме дека предизвикот да истражиме различен жанр во приказната на секој албум е возбудлив за нас како бенд, бидејќи не го повторуваме веќе кажаното. Па така, моментално бараме кој би бил тој нареден жанр. Со Андреј Ѓоршевски и Јан Стефановски веќе имаме и нови членови на Lincoln фамилијата, што сигурно ќе ги направи работите уште поинтересни. Иако е комплициран зафат, би било одлично да се свири во Америка, а како да се оствари тоа ќе видиме допрва. 


Хана: То беше сѐ за оваа недела. Се надевам дека ви се допадна она што ви го спремивме. Наредна недела се дружиме повторно со Lincoln Letter. Дотогаш, ве оставаме во добро расположение и со добра музика.




Comments


bottom of page