top of page

Април со Големата вода: Муабет

  • Writer: Марија Хана Трајкоска
    Марија Хана Трајкоска
  • 24 hours ago
  • 3 min read

Оваа недела разговараме со момците од „Големата вода“ кои во помалку од година ја освоија македонската публика преку нивната исклучителна музичка и сценска зрелост и иновативност иако имаат уште 10 години пред целосното развивање на нивните фронтални лобуси. Импресионирани од овие уникатни и кул средношколци решивме во фокус на муабетот да го ставам нивниот светоглед и инспирацијата која го оформува нивниот звук. 


Хана: Ова се Јован, Лука, Симон и Никола кои за нивните омилени предмети на училиште велат...


Големата вода: Повеќето немаме некои омилени предмети поради тоа што не го сакаме образовниот систем. 


Хана: Во кој филм би сакале вашата музика да биде дел од официјалниот soundtrack?


Големата вода: Би било многу интересно ако нашата музика беше soundtrack на „Kick-ass“, (реж. Matthew Vaughn) или пак на некој хоумкаминг филм. Исто и „Scott Pilgrim vs. the World“ (реж. Edgar Wright). Иако двата филма што ги одбравме не се сериозни, тоа не е пораката што сакаме да ја испратиме преку нашата музика. Едноставно даваат слична енергија како нас, млада и хаотична.


Хана: Тоа се сериозно добри филмови во кои можам да ја замислам вашата музика, која нималку сметам дека е несериозна иако е млада и хаотична. Ќе се повикам на романот  на Живко Чинго кој стои зад вашето име, што за вас претставува слика на надеж, односно што е за вас големата вода?


Големата вода: За нас „Големата вода“ е шансата да претставиме нова слика за алтернативата и сите жанрови кои ги вклопуваме во нашата музика. Надежта дека публиката ќе се заврти кон нас и ќе посвети внимание на културата и на желбата, која младите како нас ја имаат, за да го подобрат квалитетот на живот во нашата држава.


Хана: Доколку би можело една песна од историјата да биде напишана во ваше име, која би била таа?


Големата вода: Било која песна од американскиот бенд „Ovlov“ или од првиот албум на „My Bloody Valentine“. Овие два бенда особено имаат влечено инспирација од бендот „Dinosaur Jr.“ кои и нас ни се, до некој степен, инспирација.


Хана: Кој бенд од минатото или сега би сакале за вас да отвора концерт?


Големата вода: Би биле претходно спомнатите „Оvlov“, но би било интересно и „Queens of the Stone Age“ и „Slowdive“.


Хана: Би ми било доста носталгично да ја видам оваа комбинација од музичари на едно место, а тоа ме носи до следното прашање. Дел од вашата музика е токму со носталгична тематика. Кој е еден момент од минатото кој би сакале да го искусите уште еднаш?


Големата вода: За сите е различно, сите сакаме да се навраќаме на среќни мемории што ги имаме. За Лука е кога се собиравме кај нашите баба и дедо и игравме кошарка со наш близок другар. За Симон е денот на медот по кој е крстена една наша песна, за Никола кога играше на PlayStation 2 со нашите постари братучеди и за мене (Јован) кога ми се расипа велосипедот и истите братучеди ми го поправија и личеше на „Формула 1“ возило. Генерално, ние се уште сме млади и пред нас имаме многу моменти за кои во иднина ќе чувствуваме носталгија.


Хана: Кога можеме да ја очекуваме вашата музика во дигитална форма?


Големата вода: Се трудиме најрано до крај на април, но веројатно ќе биде во мај. Најскоро можете да не видите на 3. мај во Прилеп на фестивалот „Сепак се врти“.


Хана: Со нетрпение чекам да ве слушнам во живо во Прилеп, а потоа и на слушалки. Ви посакувам најдолго што можете да ја зачувате вашата млада и хаотична енергија, а на „Оvlov“, „Queens of the Stone Age“ и „Slowdive“ им посакувам да ја имаат честа еден ден да настапуваат со „Големата вода“. 





תגובות


bottom of page