top of page
Writer's pictureКалина Качоровска

Андреа ли е виновна?

Последното нешто што го видов вчера пред да си легнам беше објава за тоа колку Андреа е глупава, невнимателна и за тоа каков срам е тоа што таа го направила. Утрово се разбудив со уште илјадници нови, но исти објави за токму истата ситуација. Сега, часот е 9:45 и не ми се верува дека јас пишувам колумна за нешто за кое синоќа превртев очи.


Имено, доколку не знаете за што зборувам, иако мислам дека тоа е невозможно, овогодинешната македонска претставничка на Евровизија, Андреа, на вчерашното отварање на фестивалот при фотосесија го фрла македонско знаме на земја за да не ѝ пречи во сликата. Тоа е чин кој е наводно казнив по закон, па МРТ размислува на тоа да ја повлече Андреа од Евровизија. Реакциите на народот се она кое во оваа ситуација е најинтересно да се разгледа. Се чини дека девојката го направила најгрозниот чин кој некој може да го замисли, дека ја предала својата земја, народ и знаме, дека покажала непочит од тежок калибар. Мојата прва реакција на тоа што го видов беше дека едноставно немав реакција. Го видов видеото и јас лично не видов непочит, туку видов брзо и непромислено прилагодување на моментот. Наивен, но глупав и непријатен чекор од нејзината страна. Сепак, воопшто не ни помислив дека другите ќе имаат реакции толку бурни колку што имаа, па кога ги видов, не можев, а да не се насмеам. Ми дојде апсурдно што за нешто што е толку очигледно ненамерна грешка и неискуство се зборува толку многу. Но, уште посмешно и поапсурдно ми дојде кога видов луѓе кои со леснотија се прилагодија на новата придавка во името на земјата како ја напаѓаат Андреа како да направила најгроморозен чин кој еден човек може да си замисли. Тогаш сфатив дека погрешно гледам на работава.


Сметам дека некои работи не се толку сериозни колку што ги правиме да бидат. Ова е една од тие работи, но, мислам дека поентата сега ми е друга. Зошто направивме волкава фама од нешто што навистина не е толку големо? Зошто пишувам колумна за тоа? Затоа што државата ни е кревка. Националната свест ни е кревка. Историјата ни е кревка. Јазикот ни е кревок. Знамето ни е кревко. Е, затоа и народот ни е кревок и филтилот ни е краток. Затоа што сме навикнати на тоа евровизиски претставници да ги масакрираат државните симболи, да бришат историски личности и потоа да ги тетовираат истите, па токму поради тоа имаме и бурна реакција кога гледаме како некој толку лесно го фрла македонското знаме, најважниот државен симбол, на земја како да не е ништо. Можеби во мојата глава (на почетокот) не е ништо, но штом народот толку силно одговори, веројатно е далеку од ништо. Но, дали Андреа која сега засекогаш ќе биде зацрнета од ова е виновна? Не до крај. Денес, помеѓу народот и државата не постои конкретно изграден однос на љубов и/или почит. Ниту државата го сака и почитува народот, ниту народот ја сака и почитува државата. Доколку на Андреа или мене или на кој и да е млад човек ни беше на правилен начин покажано активно и свесно сакање на она што е наше, веројатно немаше со леснотија да фрламе знамиња или да се поднасмевнувавме кога ќе го видевме токму тоа. Но, свесна/и сум/сме дека тоа не е така.


Народот е чувствителен затоа што (не)свесно е навикнат да биде фрлан и газен и веќе природна реакција му е да се брани, да обвинува и да се жали. Затоа што е немоќен.


Андреа направи срамна глупост која веројатно е многу помала од што ја направивме да биде. Но, нејзиниот однос е последица на генерациска небрежност, отфрлање и бришење на македонското и македонските симболи и е вина која не може и не смее да ѝ биде препишана само нејзе.






 

Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, песни, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.


Comentários


bottom of page