Уште од почетокот на оваа година, на македонската културна сцена, евидентно беше оддавањето почит и реактуализирањето на творештвото и животот на поетот Ацо Шопов.
Преку повеќе издадени книги, организирани изложби и поетски читања се чествуваше стогодишнината од раѓањето на еден од основоположниците на македонската современа поезија. По овој повод, решивме овој месец, кога е всушност и роденденот на Шопов, да се осврнеме на неколку начини врз неговото творештво.
Од пунктовите што биле најзначајни за неговата поезија, не може а да не се посочи влијанието на неговата мајка. За неа се зборува секогаш кога се споменува животот на Шопов, токму поради тоа што таа му ја всадила приврзаноста кон книжевноста.
Љубовта кон поезијата ѝ ја должам на мојата мајка, на нејзината тенка тетратка со песни, на нејзиниот неискажан талент, на нејзината распламтена потреба да остане секогаш, дури и во најтешките услови, латентен поет. Тоа беше пресудно. Останатото е случај.
Ацо Шопов
Интервју за РТВ Белград, литературна редакција, 1960. [Машинопис на српскохрватски јазик, латиница] Фонд Ацо Шопов, АМАНУ.
Неоспорлива е распространетоста на кованицата небиднина која Шопов ја создава во својата збирка „Небиднина“ од 1963 година. Остварени мноштво преводи на овој поим и разни толкувања, а начинот на кој тој самиот ја објаснува е следниот:
Со него сакав да истакнам еден парадокс: поезијата, колку и да ја сфаќаме и да ја остваруваме како нешто есенцијално, како нешто повеќе од она што обично го подразбираме под поимот живот и неговите различни манифестации, сепак, и во својот најсовршен вид и во своите највисоки дострели, не е во состојба да ги опфати сето богатство и сета сложеност на тој поим.
„Ацо Шопов, за својата нова збирка поезија и за себе“,
ТВ емисија „Панорама“, прилог РТВ Скопља.
Кога веќе сме во територија на мотивите кои ги истражува во своето творење како што се телесното, тишината, огнот, молитвата, не може а да не се спомене крвта. Таа како поетска слика оформена на различни начини е сместена во песните „Лузна“, „Има долу една крв“, „Телото е неподвижно а крвта не мирува“...
Она што особено ме привлекува во поезијата на Ацо Шопов, и што ме вознемирува, тоа е неговото трпеливо, непрестано и многу луцидно ослушнување на она што тој го нарекува „крв“. Таа крв не е крв на одмаздата, на граѓанските војни, на конфликтите. Тоа е крв на голема шекспировска драма на живеењето. Тоа е крвта на зборот, на она непрестано пулсирање на човековиот простор.
Ив Бержере, француски поет, 2022
Шоповите престои во Франција и работата како дипломат во Сенегал имаат придонесено за проширувањето на македонската книжевност и надвор од границите на државата. Но, интересно е да се погледне и во обратната насока, како престојот надвор му помогнал од дистанца да ги контемплира сеќавањата, местата и мотивите кои го врзувале со неговото минато. Ова може да се согледа во песната „Настан на езерскиот брег“ во стиховите:
(...)
да ја открие родината откривајќи го светот.
(...)
откривајќи ја родината да го открие светот.
Од збирката „Песна на црната жена“, 1976.
Почнувајќи од својата 14-та година кога ја пишува својата прва песна, со објавувањето на првата збирка од македонски автор во повоениот период, па сѐ до последната збирка „Дрво на ридот“ во која се навраќа кон себе и се соочува со тешката состојба во која се наоѓа, Шопов остава голем материјал зад себе. Оваа година претставуваше уште еден повод да се сврти вниманието кон неговото творештво. Затоа, за заокружување на крајот на годината во чест на Ацо Шопов, следуваат неколку објави чија цел ќе биде токму тоа.
Извори:
Шопова, Јасмина. По-трагите на Ацо Шопов. Скопје: Сигмапрес, 2003.
Ацо Шопов: 2023: а year of hommage to Aco Šopov / [design and content Jasmina Šopova]: година во чест на Ацо Шопов / [приредила Јасмина Шопова]: année d'hommage à Aco Šopov / [conception et contenu Jasmina Šopova]; Ариан Бејли = Ariane Bailey (превод на англиски јазик); Јасмина Шопова (превод на француски јазик). Скопје: МАНУ, 2003.
Comments